Фон дер Лајен во Скопје – поддршка за регионот во вредност од милијарда евра и договор за ФРОНТЕКС на чист македонски јазик

Шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен денеска во Скопје треба да го презентира пакетот за енергетска поддршка од Европската комисија за регионот во вредност од една милијарда евра, а во исто време ќе се потпише оговорот со Фронтекс, со кој Северна Македонија стапува и во официјална соработка со ЕУ во заедничка заштита на границите. Првиот договор, ФРОНТЕКС, Советот на ЕУ веќе одлучи да се потпише и на македонски јазик, без какви било ѕвездички или фусноти.

Според најавите денес попладне, од страна на премиерот Димитар Ковачевски, на платото пред зградата на владата, ќе биде пречекана шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Посетата на Фон дер Лајен, како што најавија претходно од ЕК, е во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија.

Еден дел од помошта во областа на енергетската криза, како што најави Фон дер Лајен минатата недела од Стразбур, ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување енергенси со земјите од ЕУ. Тоа значи дека Македонија ќе добива енергенси под услови како за земјите членки на ЕУ што по правило значи пониски цени и подобри услови при купувањето.

Пакетот за енергетска поддршка кој треба да го добие Македонија, заедно со земјите од регионот изнесува една милијарда евра, средства кои треба да помогнат во надминувањето на најголемата енергетска криза од Втората светска војна до денес. Ова е сериозна порака дека нема да бидеме оставени сами да се бориме со кризата, туку дека во Европската унија имаме сериозен сојузник со кој заедно ќе ја пребродиме зимата.

За време на официјалната посета на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен денес во Скопје ќе биде потпишан договорот со Фронтекс, со кој Северна Македонија стапува и во официјална соработка со ЕУ во заедничка заштита на границите.

Овој договор беше четири години подложен на вето од Бугарија во Советот на министри на ЕУ за внатрешни работи поради противењето на официјална Софија тој да биде потпишан на македонски јазик. Таканарчениот француски предлог усвоен во македонскиот Парламент во јули го деблокираше потпишувањето на договорот со Фронтекс, кој пред десет дена доби зелено светло во Советот на министрите. Својот глас „ЗА“ го даде и министерот за внатрешни работи на Бугарија.
Договорот ќе биде потпишан на сите официјални јазици на земјите членки на ЕУ и на македонски јазик. Во договорот не е содржана никаква фуснота како што се шпекулираше во јавноста.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.