ФЕНОМЕНАЛНО: Гимназијалци oд Прилеп направија прекрасен музички видео запис за песната „Ми заплакало селото Ваташа“

Вчера, 18.06., во просториите на прилепската гимназија “Мирче Ацев”, беше промовиран музичкиот запис за песната „Ми заплакало селото Ваташа“. Пред бројна публика од професори, родители и други гости, учениците кои го осмислија и го создадоа видео-записот, во кратки црти ги запознаа присутните со историскиот настан кој се случил на 16 јуни 1943 година, а потоа ги пренесоа своите искуства, проблеми, згоди и незгоди со кои се соочија во процесот на создавање на записот. На крајот на промоцијата премиерно беше емитуван видео записот, кој изнуди и некоја солза во публиката и кој на крајот беше награден со силен аплауз.

Видео записот е сниман на три локации и тоа во просториите на гимназијата, во манастирот „Св.Никола“ – Моклишко и на меморијалниот комплекс „Моклиште“ Ваташко – општина Кавадарци.

Записот не е класичен музички спот, туку претставува спој на музика и рецитирање придужено со соодветни визуелни ефекти и може да се вброи во категоријата „видео уметност“. Низ песната испреплетени се стиховите од песната „Цветови“ од Славко Јаневски .

Видео записот е целосен производ на учениците. Со скромни ресурси и голема желба и упорност записот го реализираа:

Софија Настоска – вокална интерпретација
Софија Оџаклиеска – рецитација
Евгенија Димитриовска – режија, идејно решение и камера
Софија Димитриеска – режија и идејно решение
Михаил Ѓорѓиески – камера и компјутерска видео обработка
Оркестрацијата е на проф д-р Татјана Ивановска
Организацијата и техничката реализација е на проф. Николче Богданоски
Соработник во подготовката на рецитацијата е проф. Дарко Ристески
Музиката е снимена во Студио Т.А

За учениците Евгенија Димитриовска, Софија Димитриеска и Михаил Ѓорѓиески ова е второ вакво искуство во училиштето. Овие ученици го сочинуваат „Гим Филм Тим“ и минатата година го реализираа документарниот филм „Најскапиот пат“ кој наиде на одличен прием во македонската и пошироката јавност.

Идејата за создавање на видео записот беше на ученичката од трета година Софија Настоска, која мотивот да ја испее оваа песна го добила од чувството на тага по трагедијата во Кочани и токму оваа песна во која се пее за 12 одземени млади животи ја поврзува со изгубените животи во несреќата во Кочани. Токму ним им ја посветува оваа песна.

Тимот кој го реализира видео записот ѝ искажува благодарност за целосната поддршка на директорката на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп, Весна Михаиловска.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.