Уште четири дена за увид во Избирачкиот список

На 14 март истекува рокот за увид во Избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дисјаспората. На овој датум завршува и поднесувањето на барањата на граѓаните за запишување, дополнување или бришење податоци во Изборачкиот список.

Јавниот увид во Избирачкиот список се спроведува во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, во време од 08:30 до 19:00 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд и празници. На 14 март 2019 годинајавниот увид ќе трае до 24:00 часот.

Избирачкиот список се става на јавен увид со состојба на податоци на граѓани со наполнети 18 години живот со важечка лична карта или пасош на денот на изборите (21 април 2019 година), умрени лица 30 дена пред денот на распишувањето на изборите (8 јануари 2019 година) и други податоци од Избирачкиот список на денот на распишувањето на изборите (21 април 2019 година).

Од Државната изборна комисија ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои сакаат да извршат увид во своите податоци во Избирачкиот список, тоа да го направат на официјалната веб страница на Државната изборна комисија и во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК.

Списокот на адреси на подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и други подетални информации граѓаните може да се најдат на официјална веб страна на Државната изборна комисија. Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список, граѓаните можат да ги поднесат само во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Во претседателската трка ќе учествуваат Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река.

Заедничкиот кандидат на 31 политичка партија од коалицијата предводена од СДСМ и на ДУИ, Стево Пендаровски доби поддршка од над 60 пратеници во Собранието и над 32.000 потписи од граѓаните.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска – Давкова ја доби довербата од мнозинството делегати на ВМРО-ДПМНЕ за нивен претседателски кандидат, но доби поддршка и од 16.000 граѓани.

Потребните граѓански потписи за учествува на претседателските избори ги собра и Блерим Река, кого го поддржаа Алијансата за Албанците и Движењето Беса.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.