Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ го надоградуваа своето знаење во Шпанија и Португалија

Триесет и осум ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп благодарение на програмата „Еразмус плус“ која што е програма од Националната агенција за образовни програми Мобилност и која во Македонија е под покровителство на Владата, 18 дена присуствуваа во Шпанија и Португалија каде ги надоградуваа своите знаења и се стекнуваа со нови вештини.  Учениците биле поделени во две групи, едната мобилност се реализирала во ноември, а другата во февруари. По тој повод учениците денеска беа примени во големата сала на Општина Прилеп, од страна на градоначалникот Марјан Ристески.

_MG_9046

„Искажувам голема благодарност до локалната самоуправа за техничката поддршка која што ни ја даде при апликацијата на овој проект и секако до Националната агенција за образовни програми Мобилност со тоа што ни се овозможи да имаме две мобилности. Едната во Португалија за учениците од струката – лични услови, каде имаме два профили : фризери и козметички техничари. А другата мобилност беше патувањето за учениците од здравствената струка, физиотерапевтите и медицинските сестри во Шпанија. Вложувањето во образованието, особено во оној стручен дел е многу важен како за градот така и за државата, се надевам дека вештините кои овие млади ги стекнаа во странство истите ќе ги пренесат и тука кај нас“, истакна Дејан Димоски, директор на СОУ Ѓорче Петров – Прилеп.

_MG_9008

Во Шпанија учениците биле сместени во Мадрид, каде работеле во Центар за рехабилитација на стари лица, имале како задача дневна нега на штитениците на тој Дом. Работеле во две смени и биле примени одлично од шпанските партнери во проектот. Исто и учениците кои биле во Португалија во градот Брага им било овозможено да посетат повеќе козметички и фризерски салони се со цел да имаат непосреден контакт со клиентите и да видат како се работи во странство.

_MG_8989

„Во Шпанија работевме во Домот за стари лица во населбата „Ласт росес“ во Мадрид каде одевме во две смени. Додека престојувавме таму, освен Мадрид, и големиот број знаменитости кој ги поседува овој град, како што е центарот на градот, стадионот на Реал Мадрид и други, посетивме и уште неколку други градови како на пример Толедо, кој што има доста карактеристична архитектура. Ова беше многу убаво искуство за нас, стекнавме многу вештини и се надевам дека сите овие знаења ќе ги примениме тука“, истакна Марија Момироска, ученик во СОУ Ѓорче Петров – Прилеп.

_MG_9019

„Благодарение на професорките и директорот ние имавме можност со првата мобилност да ја посетиме Португалија и градот Брага, исто така посетивме повеќе градови и повеќе козметички салони. Бевме сместени во кампови заедно со ученици од други држави како Италија, Романија, Полска и други. Имавме 8 работни часови во текот на денот и научивме доста работи кои се одлика на нашата струка“, рече Стефани Бубрегоска, ученик во СОУ Ѓорче Петров – Прилеп.

_MG_9014

Градоначалникот Ристески, истакна дека тие како локална самоуправа секогаш максимално поддржувале вакви едукативни проекти за учениците.

„Денеска во локалната самоуправа ги примив 38-те ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ кои беа во посета на Шпанија и Португалија. Тоа е една одлична програма која ја поддржува и локалната самоуправа во соработка со училиштето. Целта е пред се учениците да се стекнат со нови искуства, да видат како се работи во другите држави во Европа, да стекнат нови пријателства, и сето тоа што ќе го научат да го пренесат на своите соученици и да се надоградат во своето знаење“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_9034

Од локалната самоуправа на Прилеп велат дека секоја година тие поддржувале вакви групи на ученици кои посетуваат различни држави во Европа кои потоа стекнатите искуства ги применуваат кај нас.

_MG_8988

_MG_9006




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.