Учениците од ООУ “Блаже Конески” Прилеп, имаат единствена можност да УЖИВААТ во часовите по историја, а за тоа се грижи нивниот наставник Горјан Василевски, кој на одличен начин преку теренска настава, им ја добилижува историјата и им го пренесува знаењето за македонските дејци, револуционери и историски места.
Во рамки на оваа теренска настава, Василески и неговите ученици ги посетија селата Слоештица, Цер и Смилево.
Ученичката Димоска Марија од Новинарската секција, подетално ни раскажа за посетата на овие места и што се’ имале прилика да научат.
-Целта на оваа посета е некои од местата и настаните кои што ги учиме од книга да ги видиме и во живо.
Наша прва дестинација беше селото Слоештица каде што му оддадовме почит на писателот и поет Петре М. Андреевски и наставникот ни одржа предавање за неговиот живот и дело, посебно за романот Пиреј и поемата 1903 (Слобода или смрт). Од Слоештица го посетивме и селото Цер каде славно загинале Христо Узунов и неговите соборци за слободата на Македонија. Пределите во овој наш регион се идилични. Зелено-жолта боја и свеж ветер, есенски.
Следно се упативме кон селото Смилево. Наставникот ни раскажа дека од ова место потекнува Даме Груев, мозокот на Илинденското востание и иницијатор на Смилевскиот Конгрес. Напраивиме краток одмор покрај споменикот на Даме Груев кој што се наоѓа во самото село. Потоа се упативме кон родната куќа на овој наш револуционер.
Пристигнавме. Во неа владеше посебен мир. Тоа беше чудно чувство каде замислуваш историја за еден човек, за една идеја, за еден изгубен живот… негов и на многу други. Неверојатно е чувството кога со свои очи ќе видиш пушки, куршуми и други зачувани предмети кои датираат од тоа време, оргинални писма и книги поврзани со животот и делата на борците за наша слобода – ни напиша Марија.
Ваквиот вид на настава значително ќе го подобри пренесувањето на знаењето наставник-ученик и треба да претставува метод кој редовно ќе се користи и по други предмети во училиштата.
Ние го поздравуваме потегот на наставникот по историја Василески и посакуваме што повеќе просветни работници да го следат неговиот пример.