Штрајкот на членовите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ќе се одржи утре со тоа што наставниците ќе престојуваат во заеднички простории договорени со директорите на школите и градинките и нема да извршуваат воспитно-образовни и згрижувачки активности. Штрајкот ќе трае додека не се изнајде соодветно решение, информираше денеска претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Според Неделков, СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но никој нема право да ги присилува вработените да прифаќаат деца за време на штрајк. Директорите пак имаат одговорност да организираат прифаќање на децата кои евентуално ќе дојдат во училиштата или ќе бидат донесени во градинките.
Неделков најави и дека од утре ќе бидат одложени и активностите кои биле закажани во меѓувреме, што значи дека освен настава нема да има ни наставнички совети, родителски средби, полагање стручни испити и ученички натпревари, односно ќе се одложи сè што е поврзано со згрижување, образование и воспитание на деца.
„Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работнтие задачи на работното место, штрајкувачите ќе се сместат во простории кои заеднички ќе ги договорат со директорите и нема да ги извршуваат свотие дејности. СОНК нема да ги затвори школите и градинките, нема да изведува воспитна дејност, а одговорноста за организацијата и згрижувањето на децата ја има директорот. Никој нема право да го присилува штрајкувачите да воспитуват деца. Ќе бидат одложени некои активности кои го меѓувреме биле закажани, како наставнички совети, полагање испити, домашни регионални, градски натпревари и се што е поврзано со штрајкувачите“,истакна Неделков.