Уништеното училиште го навлече гневот кон градоначалникот? (Фото галерија)

Новото подрачно училиште во населбата Сточен пазар во Прилеп, кое требаше да биде отворено на празникот Св. Никола во 2017 година и требаше да го носи името на заштитникот на градот, е пред целосно yништyвањe и мета на кpaдци.

Ова беше тема и на последната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, од каде потенцираа дека училиштето кое беше изградено во мандатот на претходниот градоначалник, Марјан Ристески, чинеше 10 милиони денари, а во него требаше да учат околу 170 ученици до петто одделение.

Од опозицијата го потсетија градоначалникот Илија Јованоски дека и тој во својата предизборна програма имаше ветено изградба на ново училиште во оваа прилепска населба.

“Денеска одново го потсетуваме дека тука веќе е изградена нова училишна зграда и дека само поради неговата негрижа и неспособност од оваа зграда позади мене ќе останат само ѕидови.

Одговорноста за тоа ќе биде само негова, а децата од овие населби само поради Илија Јованоски и понатаму настава ќе посетуваат далеку од своите домови.

Жално за сите е кога ќе се види една ваква слика. Наместо тука во изминатите 3 години да се слушаше детскиот џагор, да се отвореа нови работни места за наставници, тврдоглавоста и суетноста на Јованоски и СДСМ беа пресудни, па овој вмровски во наводници проект е оставен секојдневно да се уништува”, истакнаа од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

“Заборавете на политиканството и изговорите, фатете се за работа и спасете го ова училиште додека сеуште има време! Во спротивно за ова уништување на општествениот имот ќе бараме одговорност”, додаваат од партијата.

Oд општината на ова велат дека училиштето било изградено среде поле и опкружено со насади од тутун, без струја, вода, канализација и дефиниран училишен двор, без пристапен пат, на само петнаесетина метри од неоградено речно корито, и за него потрошиле повеќе од 10.000.000 денари.

Ова е воглавно истата реакција во изминатите 2 и пол години откако започна мандатот на градоначалникот од СДСМ, Илија Јованоски.

Од општина Прилеп притоа не соопштуваат зошто во целиот овој изминат период не презеле никакви дејствија за зачувување на овој општествен имот, односно зошто не поставиле стражарска служба со цел да се зачува новата зграда.

Тоа е најмалку што можеа да направат, иако во 2 и пол години можеа и да ги санираат сите тие недостатоци кои ги потенцираат околку изградбата на новата училишта зграда во Сточен пазар.

Ова е реакцијата и на речиси сите жители од населбата кои сметаат дека услови можеле да се создадат, односно дека општината на располагање имала готов објект, модерна зграда со современи услови за изведување настава внатре. Сите други недостатоци можеле да се санираат во неколку месеци.

Сепак гарнитурата на власт досега не се одлучи да направи ништо друго, туку само да реагира на обвинувањата од опозицијата, а од училиштето наскоро навистина ќе останат само ѕидовите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.