Нападот во ноќниот геј клуб „Пулс“ во Орландо е најмасовното убиство во историјата на САД, јави американската телевизија Си-Ен-Ен. Педесет лица загинаа, а 53 се ранети во нападот врз ноќниот геј клуб „Пулс“ во Орландо, во американската сојузна држава Флорида.
Досега најкрвавите напади во историјата на САД беа тие на Технолошкиот универзитет во Вирџинија во 2007 година и во основното училиште во градот Њутаун во Конектикат во 2012 година во кои загинаа, 32, односно 27 лица.
Во меѓувреме таткото на напаѓачот за телевизијата Ен-Би-Си изјави дека нападот нема никаква врска со религијата.
Мир Седик појасни дека неговиот син Омар Матин, кој беше застрелан од полицијата, се разлутил пред неколку месеци, кога видел двајца мажи како се бакнуваат во Мајами.
– Се извинуваме за целиот инцидент. Не знаевме што подготвува нашиот син. Шокирани сме како и целата држава, изјави тој.
Напаѓачот е идентификуван како 29 годишен Американец со авганистанско потекло, кој живее во Флорида и поминал обука за стрелаштво.
ФБИ соопшти дека Матин бил симпатизер на исламистичката кауза.
Налог на Твитер поврзан со џихадистичката групација Исламска држава објави фоптопграфија на Омар Матин, под која пишува: „Мажот, кој го изврши нападот во ноќниот клуб во Флорида, во кој беа убиени 50 и ранети десетици лица“.
До моментов нема официјално соопштение од ИД.
Според сенаторот демократ од Флорида Бил Нелсон, Матин ја изразувал својата припадност кон ИД.
– Матин работел како обезбедување и повеќе пати изјавувал дека е поврзан со ИД, додаде Нелсон, кој се повикува на информации од американското разузнавање.
До моментов сепак нема директни докази дека тој навистина бил поврзан со оваа или друга теоририсичка група., изјавија претставници на безбедносните сили.
Гувернерот на Флорида Рик Скот во меѓувреме прогласи вонредна состојба во југоисточната американска држава.