Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун, по просечна цена од 419 денари по килограм. Истиот е во вредност од 170 милиони евра и е 95% исплатен кон тутунопроизводителите. Оваа бројка е за речиси 1,5 милиони килограми повеќе тутун за разлика од лани, истакна денеска во посетата на откупните центри во Прилеп, Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој ги повика младите да ги искористат моменталните бенефити од тутунопроизводството како доста профитабилна гранка.
„Навистина рентабилноста во оваа гранка е доста голема и нормално сигурноста во делот на производството е предвидлива, односно знаете кога ќе произведете, кој ќе го купи и по која цена, субвенциите се тука како категорија која што помага, плус оние дополнителни поддршки што ги даваме од оваа година, а тоа е зелената нафта која е во една сериозна количина за секој еден тутунопроизводител, плус површинската мерка од 6.000 денари по хектар, што вака сумирано е еден добар показател дека има иднина во оваа гранка и младите луѓе ги охрабрувам да влезат во процесот“, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
























