Трибина во Прилеп: Се повеќе млади жени под 30 години се соочуваат со рак на дојка

Се зголемува бројот на млади жени под 30 години кои се соочуваат со рак на дојка, што ја нагласува важноста на едукацијата и подигнувањето на свеста за оваа болест. Ова беше истакнато на вчерашната трибина што се одржа во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, прва од серијата настани што Здружението „Хема Онко“ ги организира за подигнување на свеста за ракот на дојката.

Од Здружението „Хема Онко“ истакнаа дека превенцијата и процесот на лекување се многу важни и повикаа на ран скрининг.

-Оваа кампања, која опфаќа подигнување на свеста за рак на дојка, од дијагноза, преку хируршки зафат, до реконструкција на дојка, е по иницијатива на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје. Ние како здружение на пациенти „Хема онко“ сме посветени на пациентите со рак. Како нивни негуватели сме многу активни во подигнувањето на свеста за ракот на дојка. Една од основните работи што ги правиме како здружение е едукацијата на пациентите. За жал, сѐ повеќе имаме пациенти со рак на дојка. Сакаме скринингот да се превенира и затоа апелираме на ран скрининг, на рани прегледи, на самопрегледи на пациентите, но кога ќе се постави дијагнозата, патеката понатаму е покомплицирана и добро е да им се објасни на пациентите кои се вистинските чекори кои треба да ги преземат, изјави Милица Кузмановска, потпретседател на здружението „Хема Онко“.

Едукацијата за свесноста и за реконструктивна хирургија, како што дополнуваат, е исто така, многу важна.

-Како здружение, сметаме дека треба да се зборува и колкава е желбата на пациентките по преживувањето на канцерот, по поминувањето на терапиите да се почувствуваат како целосни, како жени, иако тоа е лична одлука. Не секоја од нас се одлучува за пластична реконструкција, но треба да им дадеме можност на пациентките да бидат информирани и секоја пациентка да знае кои се нејзините опции и во овој дел на третманот. Кога ќе осознаеме дека сѐ помлади заболуваат, па и под 30 годишна возраст, тогаш сфаќаме колку е битен и овој дел од третманот и колку е важна едукацијата, вели Ана Маријановиќ, онколошки пациент од Здружението „Хема Онко“.

По трибините во Прилеп и Гевгелија, настани се предвидени и во Кавадарци и Тетово. Последната трибина ќе биде на 5 март во Скопје.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.