Ученичката од ООУ “Климент Охридски”, Ана Ангелеска, го освои престижносто трето место на 58. Детски Рацинови средби кои се одржаа во Велес.
-Иако допрва ќе учиме за Црвениот Поет, Ана твореше како да го знае, можеби затоа што на ист ден се родени. Овој посебен настан за неа, беше проследен и од нејзините прекрасни родители кои беа поддршка и нè однесоа во Велес за заедно да се радуваме на успехот. Со Ана бевме дел од работилница: „Писмо до Рацин“ во кое учениците му пишуваа на поетот. Потоа тука беше, секогашприсутниот писател Горјан Петревски со кого имавме разговор и дискутиравме за различни теми. Она што ни остави голем впечаток беше посетата на спомен-куќата на Рацин во кој научивме многу работи. Од „перото“ на Ана сигурно ќе произлезат некои стихови инспирирани од тоа што го виде. И на крај присуствувавме на свеченото доделување на наградите. Моите драги колешки, скромно ама со големо срце приредија прекрасна свеченост. Дишеше духот на посветениот наставник, во случајов наставнички. Прекрасен перформанс од „МДПС Премиера“ по текст на Анита Мирчева од кој човек ќе смрзне, па ќе се стопли и силно силно ќе се замисли за својата одговорност и за нашата иднина… Им благодарам од име на мојата ученичка и нејзиното семејство на целиот тим што е вклучен во оваа скапоцена манифестација! Догодина! За Рацин – напиша нејзината менторка, наставничката Јулијана Талеска.
Честитки за младата поетеса, нејзината наставничка и желби за уште поголеми успеси во иднина!

























