Трансфер бомба ја потресе Европа: Игуаин се договорил со Јувентус!

Иако ретко кој веруваше дека најдобриот играч на Наполи, Гонзало Игуаин може да го засили италијанскиот шампион Јувентус, информациите кои вечерва ги пласираат речиси сите релевантни спортски медиуми од Апенините говорат дека аргентинскиот напаѓач е пред трансфер во Јувентус и дека веќе е постигнат договор помеѓу “бјанконерите“ и напаѓачот.

 

gonzalo-iguain-640x360

Како бомба одекна вечерва информацијата на италијанските медиуми дека Игуаин се договорил со Јувентус и од следната сезона ќе го облече “црно-белиот“ дрес на торинскиот гигант. Тие пренесуваат дека постојат три опции за реализирање на овој трансфер.

Првата е Јувентус да плати 75 милиони евра и во Наполи да го прати играчот од средниот ред Роберто Переира, со што ќе ја исполни откупната клаузула на Игуаин која изнесува 94 милиони евра. Переира, чија цена на трансфер пазарот изнесува околу 20 милиони евра веќе подолг период се поврзува со Наполи.

Втората опција е дека Јувентус на Наполи ќе му отстапи тројца свои фудбалери, напаѓачот Симоне Заза кој се проценува на сума од 25-30 милиони евра, Роберто Переира (20 милиони евра) и дефанзивецот Даниеле Ругани (25 милиони евра). Дополнително, при оваа варијанта, Јувентус би  требало да доплати плус 25 милиони евра.

Третата и последна опција е Јувентус да не доплати ништо, односно покрај Заза, Переира и Ругани, во Наполи да го испрати и играчот од средниот ред Стефано Стураро, чија цена на пазарот се проценува на 20 милиони евра, со што би се исполнила откупната клаузула на аргентиснкиот напаѓач.

Останува да видиме дали во следните денови ќе дојде до конечна реализација на овој трансфер, со кој Игуаин би станал убедливо најскапиот фудбалер во историјата на Јувентус. Со тоа, Игуаин речиси за двојно би го срушил клупскиот трансфер рекорд, ако се земе во предвид фактот дека Јувентус досега во историјата најмногу пари има дадено за ангажманот на Џанлујџи Буфон во 2001-ва година, кога за голманот на Парма плати 53 милиони евра. Дополнително, со ваквиот спектакуларен трансфер Јувентус сака да покаже дека е семоќен во Италија и може да ги доведе дури и оние фудбалери од најлутите ривали кои се сметаат за недопирливи.

Откако на почетокот од трансфер периодот успеа на Рома да и’ го одземе нејзиниот надобар фудбалер од минатата сезона, Миралем Пјаниќ, за кого ја исплати клаузулата од 38 милиони евра, Јувентус сега е на добар пат да ги шокира фановите на Наполи и потпише со нивниот најдобар фудбалер.

Доколку дојде до реализација на трансферот, италијанските медиуми најавуваат дека тоа ќе значи дефинитивно разделување на Пол Погба со Јувентус, бидејќи дури ни торинскиот гигант нема да може без последици да помине од енормната сума платена за Игуаин.

За Погба веќе подолго време се оговори дека за сума од 120 милиони евра ќе го засили Манчестер Јунајтед, но доколку Јувентус  успее да го задржи и плус успее да го доведе Игуаин, тогаш “бјанконерите“ создаваат тим кој не само што ќе треба да доминира во Италија, туку би требало и да биде рамо до рамо во ЛШ со останатите гиганти.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.