Трамп: Нема американско државјанство за децата на илегалните мигранти

Еден од републканските претенденти за иден претседател на САД, милијардерот Доналд Трамп изјави дека тој се злага за укинување на сегашното право на американско државјанство, што по автоматизам следува за децата родени во САД, пренесе МИА.

Според американскиот Устав, сите деца родени на територијата на САД, дури и ако нивните родители се илегални мигранти, добиваат државјанство. Трамп сега тврди дека таквата одредба во Уставот треба да се укине, оставајќи ја можноста, семејствата, чии деца се родени на американска територија, да може подоцна да се вратат во САД, доколу владата оцени дека тоа го заслужуваат.

Имигрантите и имигрантското прашање претставува доминантно прашање во кампањата на Трамп, а неговиот сегашен рејтинг покажува дека позициите што тој ги има околу имиграцијата им се прифатливи на домашните гласачи.

Тој смета дека треба да се зголеми таксата за добивање американска виза, а средствата што би се собрале од тоа, да се употребат за продолжување на изградбата на оградата на границата меѓу САД и Мексико.

– Мора да се запре имигрантскиот бран и тие луѓе мора да си заминат од САД, изјави Трамп за Ен-Би-Си.

Во изјавата за оваа американска телевизија, Трамп вели дека острата антиимигрантска политика е повеќе од потребна, затоа што, како што тврди, конечно е докажано оти криминалот е поврзан со имигрантите кои живеат илегално во САД.

Доналд Трамп кој засега води меѓу републиканските претенденти за номинакција за претседателските избори во 2016 година, заговара депортација на сите кои немаат регулиран статус во земјата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.