Американскиот претседател Доналд Трамп на „Твитер“ упати навреди кон најдобриот кошаркар на денешницата Леброн Џејмс, по неговото интервју за „Си-Ен-Ен“.
Кошаркарот минатата недела отвори училиште за проблематични и сиромашни деца во својот роден град Екрон во близина на Кливленд. Тој во интервјуто за „Си-Ен-Ен“ по повод отворањето на училиштето повторно го критикуваше претседателот Трамп, кој сега не му остана должен и веднаш му врати преку социјалните мрежи.
„Леброн Џејмс беше интервјуиран од најглупавиот човек на телевизија, Дон Лемон. Тој направи Леброн да изгледа паметно, што воопшто не е лесно да се направи. Мене ми се допаѓа Мајк“, напиша Трамп.
Lebron James was just interviewed by the dumbest man on television, Don Lemon. He made Lebron look smart, which isn’t easy to do. I like Mike!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) August 4, 2018
Тој во еден „твит“ успеа да го навреди новинарот и Леброн Џејмс и да напомене дека во дебатата за најдобар кошарка на сите времиња, тој навива за Мајкл Џордан.
Џејмс постојано е критичар на работата на претседателот Трамп и тоа го искажува на секој можен начин и во секоја прилика.