Тој е автор на голем број споменици и плочи во Прилеп и околината, а сега ја имаше и својата трета самостојна изложба (ФОТО)

“Порти кон бескрајот” е самостојната изложба од прилепскиот автор Илија Кочоски, отворена во петокот во фоајето од ЦК “Марко Цепенков”-Прилеп.

Кочоски на изложбата се претставува со дела поделени во два циклуси – првиот со 13 композиции кои претставуваат автентичен и единствен приказ на Тајната вечера и вториот од 8 дела кои се раскошни и колоритни композиции.

Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека Кочоски внимателно ги негува формите, облиците и структурите, применувајќи колажен пристап во создавањето на делата.

-Авторот Илија Кочоски создал непроценлива ризница од композиции работени во комбинирана техника-масло на платно, бакарна фолија, сребрена боја, дрвени резби и позлатени клинци. Тој развил разновиден семиотички систем и изградил сопствен уметнички идентитет, изразувајќи го бескрајот на човечкиот дух со виртуозна употреба на бојата. Тој вдлаби траг и создаде апотеоза на вечната дилема и борбата за вистината меѓу науката , уметноста и религијата – рече Димеска, на отворањето на изложбата.

Ова е трета самостојна изложба од Илија Кочоски, кој како архитект е автор на повеќе споменици и плочи низ Прилеп и околината.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.