Околу 100 милиони денари се инвестициите во Општата болница Прилеп, која и кадровски и финансиски зајакнува, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Тој денеска ја посети болницата, особено детското и интерното одделение каде се врши целосно обновување. Работите се интензивираат и треба да завршат во јули.
– Работите се одвиваат со сериозно темпо и во сериозен обем. Се очекува во јули да бидат комплетно обновени одделенијата и тоа е инвестиција од 70-ина милиони денари, пари од министерстото. Паралелно со тоа се набавува нова опрема во болницата. Поставен е и набавен нов мамограф по седум-осум години од претходниот. Тоа е значајно подобрување на здравствените услуги особено што болницата дава здравствени услуги на околу 120.000 жители од регионот. Освен тоа, болницата, со свои средства набавува апарати, изјави Тодоров.
Според Тодоров, Прилепската болница и финансиски зајакнува. Една третина од долговите се вратени.
– Во болницата имавме сериозни финансиски проблеми. Сега, за четири месеци, болницата го намали долгот за 60 милиони денари. Тоа е добар показател дека работите одат во добар правец. Не може преку ноќ да се решат сите проблеми, но може да заклучиме дека болницата сериозно финансиски се стабилизира, рече Тодоров.
Прилепската болница, заклучува министерот за здравство, и кадровски зајакнува. Има 100 вработувања, а тројца лекари ќе заминат на специјализација во странство.
– Има над 100 нови вработувања во болницата или преку трансформацијата на вработувањата на волонтерите. Тројца доктори од болницата ќе заминат на специјализација во Белград. И тоа, еден дигестивен хирург со што болницата прв пат ќе добие специјалист по дигестивна хирургија. На специјализација заминуваат и по еден офталмолог и гинеколог, нагласи Тодоров.
Во меѓувреме, болницата има 18 специјализанти и според директорот Петар Ристески се очекува за околу две години оваа здравствена установа комплетно да застане на здрави нозе.
– Имаме сериозни инфраструктурни зафати, нова опрема, кадровско екипирање, што не значи дека немаме потреба и од нов персонал, особено медицински сестри, а и финансиски зајакнуваме. Очекуваме за околу две години комплетно да се стабилизираат состојбите во Прилепската болница, изјави Ристески.