Во рок од пет години или најдоцна до 2024 година личните документи на граѓаните ќе го носат новото име „Република Северна Македонија“. Со новите амандмани во нив ќе биде наведена и етничката припадност на малцинските заедници во државата.
Нови лични карти и пасоши ќе треба да си набават граѓаните, како и нови ознаки на регистарските таблички на нивните возила, најдоцна во рок од пет години од денот на ратификација на договорот за името во грчкиот Парламент и откако македонските пратеници со усвојувањето на потребните уставни измени го запечатија новото име на државата „Република Северна Македонија“.
Регистарските таблички во иднина ќе ја носат кратенката НМ или НМК, а новото име на земјата ќе биде вметнато во личните карти и патните исправи. Во рок од 5 години ќе треба да се смени и сета останата документација на јавната администрација за надворешна употреба, но и за внатрешна употреба и нивното издавање ќе почне со отворањето на секое поглавје на релеватното поле во преговорите со ЕУ. Тоа значи дека секоја институција етапно ќе го менува своето име и документацијата.
Се уште не се знае како ќе бидат сменети личните документи на граѓаните кои нема да истечат во дадениот рок. Во секој случај до 2024 година, граѓаните ќе треба да имаат лична карта или пасош под новото државно име.
Извор: “Пресс24”