Судот на барање на СЈО го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ
„По барање на ова Јавно обвинителство, судија на претходна постапка на Основен суд Скопје 1 – Скопје донесе решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.
Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката.“ – стои во соопштението на постапката.
Во случајот „Талир“ првоосомничен е Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Кирил Божиновски, Илија Димовски, Даниела Рангелова, Игор Есмеров, Александар Бичиклиски, Емил Димитриев, Миле Јанакиески, Иво Котевски, Илија Ристовски, Билјана Бришкоска – Бошковски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска.
СЈО имаше обид да го замрзне имотот на партијата и во мај, но тогаш, Судот не го дозволи тоа.