“Сугарески и Талески пред антикорупциска?”

Дали Антикорупциска комисија ќе поведе постапка во врска со случајот во кој главната улога ја има министерот Сугарески – за принудување на партиски вработени во прилепската болница да агитираат за претседателските избори за Пендаровски кога и партијата СДСМ да го побара тоа од нив – дополнително ќе се одлучува. Сега комисијата работела на собирање на сите потребни информации – објави “Алфа ТВ”

-Ние собираме информации по ова прашање. На некоја наредна седница ќе го донесеме нашиот заклучок за отворање на предмет по сопствена иницијатива, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Покрај ова, комисијата иницира кривично гонење на градоначалникот на Сарај, Беџети, оти свесно ги чувал предметите за легализација на дивоградбите на Матка, во фиока, односно не ги одбил а тоа бил обврзан да го стори оти платформите не ни можат да бидат предмет на легализација – заради статусот на заштитено подрачје на овој дел од Скопје. Реагираат и оти до сега за предметот во општината одлучувал некој кој воопшто не бил надлежен.

-Кога едно барање за легализација ќе влезе во општината, тоа всушност влегува во процес. И сега злоупотребата е токму тука, да се чува тоа барање, да не се одговара, да се остави во една латентна состојба. Градоначалникот ги имал сите законски основи и можности, да одговори на барањето и да каже овој временски објект не може да се легализира. На тој начин им отвора можност на надлежните институции, на инспекторатите, итн., да си ја вршат својата работа и да ги отстранат дивоградбите, објаснува Ивановска.

Предлагаат до Владата да се прогласи Матка за „споменик на природата“ и да се постават надворешни граници.

Антикорупциска отворила и предмети за пицеријата, дивоградба кај охридскиот Чинар, која е сопственост на контроверзниот советник од ДУИ во општина Охрид, Нефи Усеини, но и за случајот „Рашковски“ како што го нарекоа. Ја испитуваат јавната набавка за инсталација на радарски систем за управување со воздушниот сообраќај и улогата на владиниот ген-сек. Во врска со Усеини, антикорупциска и досега реагираше и на тоа што фирмата на советникот била пријавена на тендер за уривање бесправно изградени објекти во Охрид. Заклучокот од нивната постапка ќе му ја доставеле на охридскиот градоначалник – додаваат од телевизјата.

Комисијата денеска побара разрешување и кривична одговорност и за директорката на стоматолошката клиника заради злоупотреба и партиски вработувања. Ова произлегло по пријава од лице кое конкурирало и не било примено, а директорката не ја уверила комисијата дека во изборот на нови вработени се водела според објективни критериуми.

Искра Коровешовска




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.