Студентите од холандскиот колеџ „Гетиде“ од Есензо ќе изработат проект преку кој треба да ги пласираат производите од прилепската компанија „Витаминка“ на нивниот пазар. Освен компанијата „Витаминка“ тие ја посетија и Општина Прилеп каде разговараа со градоначалникот Марјан Ристески околу повеќе идеи како во иднина може да се подобри соработката на овој регион со Холандија. Инаку ова е заеднички проект помеѓу холандските студенти и студентите од Славјанскиот универзитет од Битола.
„Соработката со „Витаминка“ е таква што студентите од нашиот колеџ ќе се обидат да изработат проект и ќе се обидат да продадат производи од „Витаминка“ во едни од најголемите супер маркети во Холандија, а како возвратно би се очекувало од студентите од Македонија да увезат производи од Холандија кои ќе се продаваат во супер маркетите тука. Инаку многу ми е драго што сум тука во Македонија, бидејќи за прв пат сум во оваа земја, и се надеваме дека ќе имаме добра соработка со компанијата „Витаминка“. Една од главните цели на нашиот Универзитет се луѓето, народот и целата планета. И се надевам дека ја остваруваме полека таа своја цел“, рече Кис Ван Дервол, ректор на „Гетиде“ колеџот.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, рече дека постои голема можност за идна соработка на овој регион со Холандија на повеќе полиња.
„Сакам да истакнам благодарност до ректорот и неговите студенти што ја посетија нашата држава и општина. Холандија е пример во светот околу водењето на бизнис, маркетингот и пласирањето на производите. Се надевам дека преку соработката со компаниите од регионот во иднина ќе се подобри и пласирањето на нашите производи на холандскиот пазар. Исто така на оваа средба разговаравме за идни проекти како туризмот, бидејќи едни од најбројните и најпосакувани гости кај нас се од Холандија. Се надевам дека со една поголема промоција на регионот би се привлекле уште повеќе туристи од Холандија да дојдат тука“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Студентите од Холандија го посетија и Музејот за тутун во Прилеп, центарот на градот и прилепската стара чаршија, каде се запознаа со нашата историја и традиција.
Исто така Детската амбасада „За сите деца во светот“ на ректорот на колеџот од Холандија му ја предаде акредитацијата за отворање на Генерален детски конзулат во Холандија. Што е уште еден чекор кон продолжувањето на пријатеството и градењето на мостови помеѓу македонскиот и холандскиот народ.