Сторија за спортот во Прилеп од човекот кој го посвети животот на новинарството: “Кучиња ќе ме растргаа за да пратам извештај”

Миле Талески, пензиониран спортски новинар

– Спиел со весник под перница

– Дописник за повеќе македонски и српски весници и 37 години го уредувал “Тутунски лист”

– Учел од Ѓоре Напески

– Само да пратам резултати тргнав во Мало Коњари, седум километри од Прилеп, во 11 часот по црни темници со ризик пциите да ме “изедат”. Немаше телефони и собирав резултати преку полиција или со одење таму. Денес на новинарите им е полесно. Не одат по селата – вели 70 годишниот пензиониран новинар Миле Талески.

Пензионер е 16 години и не мирува. Спортскиот и новинарскиот дух тлее, не гасне. Ги следи повеќето настани. Подолго бил спортски новинар, иако бил и со културата, забавата, репортажите… За професионалниот и објективен однос, награден е со три златни плакети, сребрено перо. Најдобар спортски новинар е на векот во 2000 година. Еден од најдобрите дописници во Југославија. Ја добил Боровата награда. И градот го закити со третоноемвриската награда.

Талески, ако би одлучувал што да биде, пак би одбрал новинарство. Само би научил јазици. Вели дека сопругата предавала англиски. По еден збор да учел цел живот, ќе научел, но инает… Забележува дека порано се живеело од новинарство. Прошетал, видел и зимски и летни одмори. Бил ценет и најплатен новинар од Македонија. Земал и хонорари од белградски “Спорт”. Внуците Михаил, Роберт и Теодора буричкале, сечеле весници, но не сакале спортски натпревари.

– Прилеп е е богат со спортска историја. Инспирација е за книги за спортот. Но, чуден народ сме. Никој од колегите не ми честиташе, што ме прогласија за најдобар спортски новинар во Македонија, а белградски “Спорт”, каде пишував 34 години, ми прати телеграма. Вниманието е важно – говори долгогодишниот новинар Талески.

Живеел со идеја да биде новинар, откако научил букви и почнал да чита.

– Татко ми купуваше “Нова Македонија” секој ден. Ги сечев сликите од сите претседатели на државите и лепев географски карти во тетратка. Немаше факултет за новинари. Завршив Југословенска книжевност. Првпат го видов името во весникот “Титов пионер”, кога ми објавија песничка. Се реков, ова да ми биде професија. Живеевме кај Ѓоре Напески, новинар и фотографот Пане Напески. Ги следев и ги впивав нивните поуки. Играв фудбал кај Стара црква и станав спортски новинар. Родителите беа против новинарството. Ме бараа во Победа, но татко ми не дозволи, зашто како млад ја скршил ногата, играјќи фудбал. Ако не играм, барем ќе пишувам за спорт и станав препознатлив насекаде. Чувствував љубов кон новинарството. Мајка ми ми ставаше весник под перница. После ми велеше дека ме запустила – вели Талески.

Искуство со разни весници

Соработувал со “Млад борец” како гимназијалец. Прв напис му бил за Тони Јакимоски, еден од најдобрите фудбалери на Прилеп и Македонија. Пишувал и за ѕидниот весник и за “Студенски збор”. И во војска соработувал со хрватскиот весник “Домовина”.

– “Нова Македонија” бараше таленти – хонорарци. Ме одбраа. Ме ангажира и белградски “Спорт”. Со новинарството ги видов Грција, Бугарија, бев и во Шпанија, Албанија, давајќи извештаи – кажува Талески, роден во Белград, но животот го минува во Прилеп.

Доајенот на прилепското новинарство констатира дека е најтешко спортското новинарство, бидејќи сите денови се работни, а настаните се случуваат во сабота и недела.

– Нема слободен ден. Следев и селски, сега општински дуели за “Спорт”. Ми објавуваа 10 – 11 материјали. Иницирав македонска страна во “Спорт” – кажува Миле Талески.

По осамостојувањето, пишувал за “Нова Македонија”. Дел бил од “Скок” од формирањето. И тие му останале борчлии. Пренесувал и за Радио Белград, а десетина години соработувал со Радио Скопје, три – четири години бил за телевизија. Со емисијата Тип 1,2 ги “врзувал” луѓето во петок да бидат пред ТВ екраните да ги слушнат типовите.

– Беше тешко. Правев различен текст за ист настан за секој медиум, оти секој има специфика – рече Миле.

Скршив џам да дадам извештај

Од 1972 година беше главен и одговорен уредник на весникот “Тутунски лист” се до пензионирањето.

– Луѓето мислат дека уште пишувам, оти одам и следам. Сега е полесно. Со лап топ и мобилен може од секаде да се јавиш. Порано беше тешко. Во недела – натпревар, а поштата – затворена. Се договарав со дежурниот да отвори да пратам извештај. Еднаш се успал. Јас тропам, тропам, а тој не станува. Со камен го скршив џамот. Баксуз, имаше уште еден. Требаше да го кршам и другиот, а чуварот вика. Се договоривме да ја среди со стаклото, да не дознае Управата – се сеќава на упорноста Талески.

Вели, сето тоа било во служба на новинарството. На натпреварот во Воџислав од Полска, скришум влегол во канцеларија со телефон, 15 минути пред крај го издиктирал извештајот.

– Кражба. Среќа, резултатот остана и немаше ништо интересно. На друг меч, сите колеги во потрага како да ги пратат извештаи на навреме при катастрофа линии. Упорно убедував луѓе да ми дадат телефон. И дадов извештај. Само јас успеав и само “Нова Македонија” извести за Победа со Одра – рече Миле Талески.

Им помагал и на колегите. Заменил скопски радио коментатор кога му се слошило при радио пренос.

– Ми рече да седам до него, ако му се случи нешто, да продолжам и да не разбере никој. Повремено го кажувавме резултатот. И никој не не разбра – кажува Талески.

Ме чекаа да ме капарат за “Народен глас”

Родителите, сопругата и Бранко Илиоски, секретар на комитет го чекале на железничката станица кога се враќал од војска.

– Бранко ме планирал за неделникот “Народен глас” при формирањето на Центарот за печат и радио. Сакал да ме “капари”, оти се плашел да не останам во Скопје. Илиоски беше главен и одговорен уредник, јас новинар, Невенка, дактилографка. Други беа Благоја Глигороски, Тачко Локвенец, па Димитар Темелкоски, па Рошкоски. Со ентузијазам пишував за спортската, културната и забавната страница и одев в печатница – објаснува Миле Талески.

До 1972 година бил во Центарот за печат, потоа во “Тутунски лист”. Од 1990 година работел пак во Центарот за печат и радио. Се вратил во Тутунски комбинат и се пензионирал.

Победа во срцето, Партизан во мислата

Со спортско новинарство се “вљубил” во Победа, а навивал за Партизан.

– Бев неутрален. Ги фалев и кудев и двете екипи. На прво место вистината. На Победа и е најтешко сега, а беше најпопуларна. Ја следеа 20 илјади гледачи, а сега околу 200 гледачи на Македонија – Португалија. Луѓето плачеа за загубен бод. Настан беше кога победивме во Приштина. Прилеп прилегаше како Рио де Женеиро. Се носеа играчите на рамна до центар – се сеќава Талески за фудбалот во Прилеп.

22 илјади весници до прилепчани

“Спорт” се продавал по три илјади примероци во Прилеп, а рекордни 22 илјади, биле бесплатно дадени со картата на натпревар меѓу Македонија – Војводина.

– Најважно е објективно информирање. Сега во веснициве се пишува оженет, разведен. Со интернет, тоа е лесен начин. Тешко е на терен – забележува Миле Талески, кој бил во претседателство на новинарите на Македонија, потпретседател на секцијата на новинарите од здружениот труд на Македонија и на Југославија, ги организирал Тутунските игри со две илјади спортисти.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.