Стомнароски: Прва класа тутун се откупува за 300 денари килограм, просечната цена е 261 денар

Според досегашната динамика на откупот на тутунот, до средината на јануари би требало да биде откупена целата количина на тутунопроизводителите, изјави денеска за Агротим Менде Стомнароски, претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија.

Тој вели дека 65% од динамиката се реализира и тутунарите се задоволни од постигнатата цена од 261 денар за килограм тутун.

-Прва класа тутун се откупува за 300 денари, втора класа за 240 денари, трета за 180 денари. Годинава имаме одличен квалитет на тутун, прва или втора класа, имаме производители кои сакаат да постигнат квалитет, така што досега претежно имаме прва и втора класа на тутун – вели Стомнароски.

Стомнароски истакнува дека годинава нема манипулации со тутунот и тоа што успеале да постигнат 261 денар просечна цена го смета за солиден успех бидејќи во последните 3 години просечната цена на откупот на тутунот била 192 денари за килограм.

-Цената никогаш нема да биде доволна, тоа е сигурно бидејќи се работи за тешка работа, трошоците се зголемени, има голема зависност и од временските услови, но токму затоа и ја постигнавме оваа цена, со добра волја и од откупувачите и од Министерство и од наша страна – истакнува Стомнароски.

За да се стигне до оваа сума, многу влијале и лошите проценки од минатите три години и проблемите со откупот на вишокот на тутунот, но има пак повеќе склучени договори за производство и се очекува за наредната година тие уште повеќе да се зголемат. Годинешната просечна цена ќе ги мотивира тутунарите повеќе да произведуваат.

-На социјалните мрежи ќе прочитате секакви коментари. Некој кој живее во Германија кажува како оди откупот на тутунот во Прилеп. Друг пак од друга земја му враќа. 261 денар за килограм тутун е просечна цена, постигнат е добар квалитет и според тоа очекуваме наредната година повторно да биде цената зголемена за да има повеќе договори и поголемо производство – изјави Стомнароски.

Тој порача дека за наредната реколта цената уште повеќе би требало да биде зголемена за да има повеќе интерес за производство и уште повеќе склучени договори со тутунарите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.