Привршува процедурата за избор на кандидати за градоначалник од опозицијата во Прилеп! Според внатрешни извори, навистина било тешко да се најде кандидат кој ќе се соочи со прилепските гласачи по 11 изборни порази на ОО СДСМ- Прилеп. Сепак неколку искусни партиски кадри добиле најголем број симпатии од членовите за нивните идеи во иднина. Тука пред се предничеле: Саше Дамески, Борче Чупетрески и Сашо Велески.
Првиот е добро познат по своето огромно партиско искуство. Сашо Дамески е вработен во општина Кривогаштани и поранешен секретар на СДСМ-Прилеп. Дамески е искусен социјалдемократ кој секогаш ја имал поддршката на членството, но не и на раководството на СДСМ.
Сашо Велески е актуелен претседател на Општинската организација на СДСМ-Прилеп. Зад Велески застанал поголем дел од потесното партиско раководство, а тој е единствениот “транзиционен” кандидат, дел на менаџерскиот тим на “Микрон”, фирма која едвај преживува. Велески е член на Советот на општина Прилеп неколку мандати, а сеуште е непознат за прилепската јавност.
Борче Чупетрески важи за млад и успешен бизнисмен. Во партиските кулоари се споменува и името на ортопедот Илија Јованоски, кој изјавил дека не е заинтересиран за трката за градоначалник. Прилепските социјалдемократи очекуваат интересна битка чиј победник треба да се справи со позитивната кампања и огромниот број проекти релизирани во Прилеп овие години.