Двесте заштитни одела беа донирани денеска на церемонијата во Амбасадата на Република Македонија во Кина за градот Прилеп од збратимениот град Дејанг, од провинцијата Си Чуан.
На церемонијата присустуваше конзулот Весна Андреевска и претставникот на градот Дејанг во Пекинг, Џао Ке.
-Од почетокот на избивањето на епидемијата, ние сме заедно со вас во справувањето со кризата и надминувањето на тешкотиите во вашите напори да ја победите пандемијата. Во изминатите неколку недели, вирусот се шири брзо и масовно во повеќе земји во светот. Дознавме дека во моментов се шири и во Северна Македонија, исто така, што ве става во клучна улога во борбата против него. Ние сме со вас. Вирусот ги урна сите граници, но љубовта ќе преовлада во светот. Во овие тешки времиња, од името на локалната Влада на Дјанг и на четирите милиони жители ви испраќаме поддршка на вас и вашиот народ. Ние обезбедивме дел од потребните материјали за донација за нашите пријатели во Прилеп, придонесувајќи во вашата борба против пандемијата. Во овој момент ние цврсто стоиме заедно со вас и вашите напори да се справите со ситуацијата, се наведува во писмото на градоначалникот на Дејанг, Хе Ли.
Општина Прилеп се збратими со 4-милионскиот кинески град Дејанг во 2013 година. Тогашниот градоначалник Марјан Ристески летото во 2013 година беше и во посета на Дејанг, а претставници од Кина во октомври истата година дојдоа во посета на општина Прилеп.
Денеска Дејанг потсети дека се сеќаваат на воспоставената соработка и испратија 200 заштитни одела за потребите на општината.
Ако се има во предвид фактот дека збратимениот со Прилеп, Дејанг има четири милиони жители, двапати повеќе од Македонија, а провинцијата Ченг Ду преставува огромен пазар и економски потенцијал, редно време е сегашните општински власти да размислат како да го искористат тоа и да направат нешто повеќе за Прилеп.