Денеска во Прилеп се одржа средба помеѓу членките на Регионалните стопански комори на Прилеп и Кавадарци, во кои влегуваат и компаниите од Крушево, Долнени, Кривогаштани, Неготино и Росоман, на кој состанок освен претставници од бизнис секторот учествуваа и градоначалниците на овие два града. Целта на оваа средба беше интензивирање на меѓусебната соработка на регионалните комори и општините, како и дискусија околу бенефитите од изградбата на сообраќајната инфраструктура, експресниот пат Прилеп – Градско како и гасификацијата кои се клучни за развојот на регионите.
„Ова е втора ваква средба, првата беше организирана во Кавадарци. Ние и понатаму ќе се трудиме да ги најдеме можните допирни точки за проширување на соработата помеѓу стопанските субјекти од двата региони, а воедно денеска ќе се актуелизира и прашањето на движењето на стопанството во овие два региони на почетокот на оваа година. Во изминатиов период имаше и доста случувања, како штети од временските услови и други проблеми, и за сите овие отворени прашања ние ќе продискутираме и потоа заклучоците од оваа средба ќе ги доставиме до Стопанската комора на Македонија која потоа треба да ги проследи до повисоките државни инстанци“, кажа Симон Наумоски, претседател на Регионалната стопанска комора во Прилеп.
Компаниите истакнаа дека во моментов поради целокупната ситуација во државава се соочуваат со помала ликвидност и неможност за реализација на нивните инвестиции и планирани проекти.
„Проблемите со кои ние како компании се соочуваме се истите оние со кои се соочуваат и сите други компании во Македонија, а тоа е намалената ликвидност на претпријатијата. Но на оваа седница ќе се постават одредени точки на кои ќе се разговара и се надеваме дека ќе се изнесат заеднички заклучоци кои потоа ќе ги доставиме до Комората во Скопје кои понатаму ќе превземат иницијатива за реализација на овие наши заклучоци. Најголеми причини за проблемите кои ги имаме се немањето на доволно средства во поглед на развивање на планираните инвестиции. Во овој момент ситуацијата е таква каква што е, се надеваме дека ќе се надминат овие проблеми и дека во иднина ќе немаме проблем за реализацијата на нашите инвестиции и планови“, изјави Игор Мицев, раководител на правен сектор во „Кожувчанка“.
На средбата се разговараше и за тоа дека се подобрува бизнис конкурентоста на целиот регион со изградбата на новата патна инфраструктура и гасификацијата. А најголем бенефит од гасот ќе има секако стопанството.
„Задоволство е денеска што по втор пат се организира една ваква средба на Регионалните стопански комори. Разговаравме околу тековните проблеми на локалните економии, можноста за соработка на бизнис секторот од Тиквешијата и овој дел на Пелагонија. Сакам тука да потенцирам и тоа дека се зголемува конкурентноста на целиот овој регион за привлекување на домашни и странски инвеститори со изградбата на експресниот пат кој води преку Плетвар и гасификацијата. Има доста можности за подобрување на релациите помеѓу компаниите од двата региони, локалните самоуправи веќе имаат одлична соработка на повеќе полиња“, Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Бенефитот од гасот ќе значи многу за стопанството, пред се од аспект на намалување на трошоците на сите субјекти кои ќе бидат поврзани, а долгорочно и за домаќинствата и сите граѓани кои нивните потреби ќе ги задоволуваат со овој ефтин енергенс. Гасоводот веќе го помина Кавадарци и во тек е постапка на директно приклучување на гасоводот на одредени компании како „Дрекселмајер“ и „Фени индустри“ тука секако е и компанијата „ИГМ“. Понатаму како втора фаза ќе бидат поврзани сите останати стопански субјекти, а гасификацијата на домаќинствата ќе оди преку давање под концесија на мрежата, процес кој ќе го води државата. Ваквите средби продонесуваат да имаме поголема поврзаност и соработка помеѓу регионалните стопански комори, претходно ние имавме таква средба во Штип. Ќе донесеме денес повеќе заклучоци, тука секако би ја споменал и елементарната непогода од измрзнувањето во земјоделството, каде штетите се 100 %. Владата дава субвенции за осигурување, земјоделците тоа не го почитуваат и тоа значи намален род и намалени финансиски средства. Имаме заеднички иницијативи во инфраструктурата, но и во одредени законски измени кои ќе ја подобрат работата на компаниите“, истакна Александар Панов, градоначалник на Кавадарци.
Од Регионалната стопанска комора на Прилеп истакнаа дека вакви средби во иднина планирале да организираат и со другите стопански комори од другите градови во Македонија.