Србија ќе добие 30 милиони евра од продажба на имотот на поранешна СФРЈ

Според договорот за поделба на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, Србија од продажбата на објектите во Јапонија, САД, Швајцарија и Германија, ќе добие речиси 30 милиони евра (29.92).

Во последните година и половина, продадена е резиденцијата на претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито на Менхетен во Њујорк, поранешната зграда на СФРЈ во Токио и поранешната зграда на амбасадата на Југославија во Бон во Германија. Според договорот за сукцесија, на Србија и следат 39,5 проценти од постигнатата цена, односно за овие три имоти ќе добие околу 13,3 милиони евра. Во постапка на продажба останати се уште два објекти, зградата на мисијата на СФРЈ во Њујорк и Амбасадата во Берн.

Парите што ќе ги добие од продажба на дипломатско-конзуларен имот на поранешна СФРЈ, Србија планира да ги инвестира во купување на недвижен имот на пет важни светски дестинации – Токио, Њујорк, Берн, Копенхаген и Варшава.

Во моментов Србија поседува 48 објекти во 28 земји во светот и користи исто толку некретнини кои се предмет на сукцесија меѓу поранешните држави на СФРЈ.

Последната средба на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатските и конзуларни недвижности на поранешна СФРЈ се одржа во Белград во јули, а до денес, од 123 недвижнини, со номинална вредност од 265,9 милиони американски долари, распределени се 85.

Србија со сукцесијата доби 36 објекти, а останатите држави сукцесионери, меѓу кои е и Македонија добија 49 објекти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.