Српската војска вчера попладне урна комерцијален дрон над касарна во Рашка на југозападот на земјата. Војската, согласно наредбата на претседателот Александар Вучиќ, го соборила беспилотното летало.
„Војската на Србија, по наредба на врховниот командант, собори беспилотно летало. Леталото од правец Јариње – Рудница се движело над воените објекти на гарнизонот Рашка. Граѓаните на Србија можат да знаат дека небото над Србија е безбедно. Мислам дека насоката на движење јасно кажува од каде е дронот“, изјави министерот за одбрана на Србија Милош Вучевиќ.
„Ќе видиме и кој е произведувач на дронот, за тоа ќе имаме јасна слика во следните денови, можеби и во следните часови“, додаде тој.
Според него, Србија не треба да се потценува, туку да се слуша јасно и гласно што кажува претседателот Вучиќ.
„Војската на Србија нема да дозволи некој да ја загрози Србија и нејзините граѓани“, истакна Вучевиќ. Зборувајќи за дронот, кажа дека сигурно не се обидувале да снимат убави пејзажи.
„Се обидуваат да ги снимат нашите единици за време на редовните активности. Верувам во сите безбедносни сили, ќе имаме соодветен одговор на сите предизвици, пречки малтретирања. Ние сакаме да разговараме, ние сме за политички дијалог, не сме за ескалација, туку за смирување на тензиите, но тоа не значи дека сме страшливци. Не ја провоцирајте Војската на Србија и не ја потценувајте Србија“, заклучи Вучевиќ.