Спортски игралишта, паркови, кафетерии, мини ресторани… – Еве што се’ ќе содржи новата спортско-рекреативна зона во касарните во Битола

 

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и советникот Бојан Бојкоски, остварија работна средба со советничката во Советот на Општина Битола, Д-р Анастасија Трајковска, во врска со нејзиниот предлог проект за објавување на Конкурс за идејно архитектонско решение за спортско рекреативна зона на просторот на поранешната касарна, односно во делот на АРМ Четврт 2, во близина на новата детска градинка. Предлогот кој беше усвоен од страна на Советот на Општина Битола, денес од стручен аспект, советничката Трајковска, детално го образложи, пред градоначалникот Коњановски, нагласувајќи дека ова решение треба да содржи спортски игралишта за фудбал, кошарка, тенис, одбојка, фудбалско игралиште по стандарди на УЕФА за тренинг камп, соблекувални, мини детски паркови, пропратни содржини, како кафетерии и мини ресторани, што ќе значи вистинско спортско рекреативно збогатување на овој дел од АРМ. Со својата експертиза, советничката Трајковска, како дипломиран инжинер архитект, даде важни насоки, кои ја истакнуваат значајноста и функционалната важност на овој проект.

Градоначалникот Коњановски и советникот Бојан Бојкоски, нагласија дека станува збор за многу добра идеја, која прво треба да донесе избор на најдоброто архитектонско решение кое потоа ќе резултира на терен со успешен проект во интерес на битолчани.

Коњановски потенцираше дека, проектот за објавување на Конкурс за Идејно архитектонско решение за рекреативна зона со намена Д3 во АРМ Четврт 2 е дел од Програмата за економски развој, за истиот веќе се обезбедени средства и по завршувањето на подготовката на потребната документација од страна на општинската администрација, во месец јуни ќе биде објавена постапка за јавна набавка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.