Спасот за Македонија е запишан во 2 Летописи 7:14 „…и ќе ја излекувам земјата негова“

Сведоци сме на се помасовно иселување од државава пред сѐ поради разочараноста од државата. Разочараноста е видлива на речиси секое поле, како од економијата, образованието, здравството, корумпираноста, непотизмот, партиско-етнички клуч при вработување и сл. Во немоќ да се променат нештата мнозина се одлучуваат да ја напуштат државата. Прашањето се поставува: како да се променат нештата во Република Македонија? Дали треба да се појави нова политичка структура? Нови политичари? Дали спасот лежи во брзиот влез во ЕУ? Дали да се повикаат странски експерти кои ќе ја водат државава? Или можеби промена на политичкиот систем? Што е тоа што засекогаш кај функционерите ќе го отстрани личниот и ќе се замени со колективниот интерес?

Секојдневно сме сведоци на милионски афери, каде некој поединец кој е на позиција да одлучува сака да профитира на сметка на државата. Без чувство на срам и страв дека еден ден може да се дознае и за тоа да одговара. И што е најважно без чувство на грижа на совеста, затоа што присвоил (или се обидел да присвои) нешто што не му припаѓа. И тоа го гледаме веќе три децении наназад.

За да се спречи оваа појава и општеството да се доведе во ред, налик скандинавските земји, потребни се длабоки суштински промени во државата. Дали можеби е потребно да се дадат уште поголеми овластувања на Антикорупциската комисија или да се формира некое ново тело кое 24/7 ќе ги следи сите оние што се на некои одлучувачки позиции?

Историјата ни покажала дека се што е наметнато однадвор нема долготраен успех. За трајно решение на проблемот потребна е промена на умовите и срцата на секој поединец од хигиеничар до претседател. Како историчар јас решението можам да го посочам единствено во Библијата. Тоа може да се случи единствено ако секој поединец, потенцирам поединец не институција, започне да ја проучува Библијата. Тоа историски се покажало како најефективно решение за еден народ и држава да доживуваат просперитет.

Секој барем малку што ја познава историјата на израелскиот народ знае дека како срцата и умовите им ревнуваа за заветните списи така ја освојуваа ветената земја и имаа мирен и економски стабилен живот. Но, како се оддалечуваа од истите доживуваа неуспеси, беа прогонувани, ја губеа територијата и сл. Во Средниот век во Европа првата книга која се испечатила била Библијата и по реформацијата на Црквата истата станала достапна и за обичните верници.

Држејќи се до основните начела во неа за водење на државата, за моралот, за семејството и сл. народите кои ја прифатија истата за брзо време доживуваа просперитет на сите полиња. Во време на основањето на американската држава при составувањето на уставот како модел била земена Библијата. Да не говориме за економскиот подем на Јужна Кореја, кој според некои експерти (Robert J. Barro, Rachel McCleary) голема заслуга е припишана на продорот на Библијата кај тој народ.

Кога поединецот ќе започне со проучување (не само читање!) на Библијата се случува нешто во срцето и умот што неможе да се објасни. Библијата учи поединецот да стане општествено и колективно одговорен и заинтересиран. Ревносните читатели на Словото ќе потврдат дека тоа им се случува. Како што бројот на оние што се одлучиле да ги следат и практикуваат библиските принципи се зголемува, така се зголемуваат и шансите истите да дојдат до позиции кои се одлучувачки во нашето општество.

Спасот за Македонија можеби е запишан во Библијата: 2 Летописи 7:14 „и Мојот народ, кој се именува со Моето име, се понизи, почне да се моли, да го бара лицето Мое и се одврати од своите лоши патишта, Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова“. Да појасниме што значи „и Мојот народ, кој се именува со Моето име“ тоа се однесува на сите оние кои веруваат во Бог и се нарекуваат според Неговото име (божји народ, христијани и сл.).

Зборот „се понизи“ се мисли да Му се признае на Бог дека сме создадени од Него и од Него зависиме. Потоа „почне да се моли“ се мисли на молитва упатена до Бог; „да го бара лицето Мое“ – за Бог и Неговата волја можеме да дознаеме единствено во Библијата; „и се одврати од своите лоши патишта“ – а спознавањето на Неговата волја природно ќе доведе до одвраќање од себичниот начин на живот; „Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова“ што значи ова болно општество ќе биде излекувано и ќе бидеме благословени.

Тоа се случуваше со израелскиот народ, може да се случи и со македонскиот народ. Изговор немаме, наместо да обвинуваме и осудуваме, секој поединец да започне од себе. Ако во времето на Гутенберг библиите ги плаќале по цена од тригодишни плати, денес ни е речиси секаде достапна, па и бесплатно на интернет. Не џабе се рекло дека една книга вреди 1.000 пати откако ќе се проучи. Да доживееме 1.000 пати поголем напредок откако ќе ја проучиме, како што тоа го направија некои народи.

Проф. д-р Марјан Иваноски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.