Манастирот Св. Илија Писокал се наоѓа во живописната и недопрена природа на почетокот на прилепскиот дел од Мариово, веднаш после превојот Слива на оддалеченост од 18 километри од Прилеп.
Изминатите години благодарение на трудољубивоста, посветеноста и силната желба на црковниот одбор, ова место од запуштено прерасна во прекрасен манастирски комплекс кој е посетуван од илјадници верници во текот на годината.
Највесело е за манастирските слави, особено за Св. Константин и Елена и главната манастирска слава на Св. Илија. Изминатите години на овие денови гостуваат врвни музички имиња кои приредуваат незаборавни семакедонски забави.
Така ќе биде и за овој Илинден, кога посетителите ќе ги забавува Влатко Миладиноски.
Писокал е поранешно село кое во 1873 година имало 46 жители во 9 домаќинства, а во 1900 имало 90 жители.
Селото Писокал згаснало, запрел плачот на децата, крикот на добитокот и црковната камбана, под притисокот и палежот на Турците и Србите, во почетокот од минатото столетие.
Се исселиле жителите во денешното село Чумово. Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака.
По дремката, и исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, и ја вратил “рубата”.
За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани.
Бог го оплеменил ова место со неверојатни пејсажи, многу зеленило и сенки кои се магнет особено во летните горештини.
Манастирот има конак со соби, опремени за ноќевање, има трпезарија и кујна за подготовка на храна за слава за над илјада луѓе.
Управата на манастирот во соработка со фирми постојано изнајдува средства за дополнително разубавување на просторот во и околу храмот.
Се изѕида ограда, се посади зеленило, се изгради камбанарија, направија дури и мало вештачко езеро, поставија прекрасна настрешница на патот, јарбол со македонското знаме, го поплочија дворот, успеаа да обезбедат асфалтирање на патот до манастирот и да донесат струја… и што ли уште не.
Со цел да не заборавиме некој нема да ги споменеме со име, туку ќе ве упатиме на Фејсбук страната од манастирот, каде подетално можете да се запознаете што се’ прават овие луѓе, и колку успешто и со колкава желба се вложуваат речиси секојдневно.