Советот на општина Прилеп доби нов претседател и двајца нови советници

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа својата 46 седница, на која на дневен ред имаше 49 точки

На местото на досегашните советници, Миле Талевски и Петар Ристески, кои се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија, Советот ги верификуваше мандатите на двајцата нови членови: Александар Чапкуноски од СДСМ и Кирил Ѓорѓиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, на местото на Миле Талевски, за нов претседател на Советот на општина Прилеп беше избрана Еленче Ташкоска, од редот на СДСМ и коалицијата.

Новиот претседател на Советот на општина Прилеп, Еленче Ташкоска, рече дека и’ претставува голема чест, но истовремено и обврска што од денеска ќе го предводи општинскиот Совет.

„Изборот за претседател на Совет на општина Прилеп за мене претставува огромна чест, но и уште поголема одговорност пред граѓаните, Советот да биде место каде ќе се носат одлуки кои ќе го подобруваат животот на граѓаните. Во таа насока помина и 46 седница на која се разгледуваа 49 точки, кои што беа со цел подобрување на животот на граѓаните на општина Прилеп“, изјави Ташкоска.

На денешната седница, советниците дадоа согласност за Годишните планови за вработување во 2021 година на основните и средните училшта, како и на музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“.

Зелено светло добија и тримсечните извештаи за финансиското работење на јавните претпријатија „Водовод и канализација“, „Комуналец“ и „Пазари“, како и Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Членовите на општинскиот Совет ја усвоија Програмата за измена и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Прилеп за 2020 година, а на 110 здруженија на граѓани, фондации и спортски клубови, им доделија финансиски средства согласно објавениот јавен повик.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.