Совети за безбедност на храната во летниот период

Food-Safety-Education

Живееме во време кога се почесто се зборува за значењето на здравата и правилна исхрана и физичката активност како клучни фактори за правилен развој на човечкиот организам. Преку реализација на едукации потребно е со уште побрзо темпо да се развива свеста кај луѓето за влијанието на исхраната и физичката активност врз нивното здравје, но од друга страна не смееме да заборавиме на два клучни параметри: квалитетот на храната и нејзината безбедност од здравствен аспект.

Храната покрај тоа што треба да биде одличен извор на макро и микронутриенти кои се потребни за нормално функционирање на човечкиот организам, потребно е да биде безбедна од здравствен аспект односно да не предизвика негативни последици врз човечкото здравје по нејзиното консумирање.

Кога станува збор за летниот период и високите температури потребно е големо внимание да посветиме при изборот на храна, што консумираме, од каде купуваме, како да ја подготвиме или како правлно да ја чуваме храната. При високи температури во овој период од годината се создава погодна средина за развој на микроорганизмите, а како последица е појавата на труење кај луѓето предизвикано од консумирање на храна.

Храната која што ја консумираме да ја купуваме од оператори со храна кои имаат имплементирано HACCP систем. При подготовката на храна потребно е да се одржува хигиената како во работните простории за подготовка на храната, така и од страна на лицата кои се вклучени во преработка на храната (миење на раце, хигиена на работните површини и приборот што се користи за подготовка на храната).

Чувањето на храната од животинско потекло да биде на соодветни температури, пониски од 4 С, а зеленчукот и овошјето пред конзумирање задолжително добро да се измијат.

Со правилна подготовка на храната односно нејзина термичка обработка се уништуваат присутните микроорганизми, но потребно е да се обрне внимание на условите при кои таа се чува. Неправилно термички обработени месо и јајца може да бидат причина за појава на труење. Подготвената храна не смее подолго од 2 часа да стои на собна температура, се препорачува да се чува во фрижидер на температура пониска од 5 С, а при нејзино повторно подгревање температурата потребно е да биде повисока од 60 С. Смрзнатата храна не смее да се одмрзнува на собна температура.

Внимателно треба да се чуваат одредени додатоци за храна (мајонез, сосови и сл.). Низа настани поврзани со труење годините наназад се поради неправилна подготовка или чување на храната.

Потрошувачите континуирано при купувањето на прехранбени производи да внимаваат на рокот на употреба на производите, да ги почитуваат посебните услови за чување и начин на употреба на храната.

Во Р. Македонија од 2010 година законска обврска на операторите со храна е имплементацијата на системот за безбедност на храна – HACCP, а овластена институција за контрола на операторите со храна е Агенцијата за храна и ветеринарство.

Дипл. инж. Технолог Александар Савески

Магистрант на втор циклус – студии за квалитет и безбедност на храна




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.