Собранието ја прифати оставката на пратеникот од СДСМ

Собранието на Република Македонија на денешната 58. седница констатира дека на пратеникот од СДСМ Петар Атанасов му престанува мандатот.

– Бидејќи пратеникот Петар Атанасов беше избран од листа на кандидати потребно е Државната изборна комисија да го извести Собранието за кандидатот од оваа листа на кој треба да му се верифицира мандатот за пратеник согласно член 153 од Изборниот законик, рече претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери.

Како што објави претходно МИА, Атанасов поднел оставка од функцијата на 23 овој месец и се очекува тој да биде избран за заменик-министер за образование и наука.

Џафери потоа ја прекина седницата и најави дека таа треба да продолжи по 13 часот. Тој повика матичните работни тела да заседаваат.

Собранието на Република Македонија на денешната 58. седница по скратена постапка донесе неколку закони: Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на патната делница Крива Паланка-Деве Баир (граница со Бугарија), што ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавно претпријатие за државни патишта, Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – V фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот, по скратена постапка, Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Мегународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на социјалните услуги.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.