Скопјани вечерва одлучија, Данела Арсовска е нов градоначалник на главниот град.
Ова е втор пат после далечната 1948 година, Скопје да го предводи жена. Главниот град за прв и единствен пат досега го предводела Вера Ацева.
Ацева која е родена во прилепско Оревоец, го предводела главниот град една година, а потоа станала министер за земјоделство.
Вечерва граѓаните на главниот град избираа помеѓу независната кандидатка Данела Арсовска која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и од албанските партии Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Според 95,77% пребројани гласови, Арсовска на своето конто има 113.951 гласови, а за се уште актуелниот градоначалник Петре Шилегов гласале 85.395.
Со тоа разликата од 7.000 гласови во првиот круг порасна на околу 30.000 во вториот круг во корист на Арсовска.