Сите ја сакаат ФК Победа ама на тастатура, нема кој да плати 150.000 денари царина за донираните дресови и опрема од Австралија

Комплет спортска опрема наменета за прилепскиот второлигаш Победа веќе четири месеци стои на царина, без интерес од надлежните да биде подигната.

Зад донацијата стои прилепчанецот Гоце Павлески, кој повеќе од 20 години живее во Сиднеј, Австралија. Со желба да му помогне на клубот кој се соочува со сериозни финансиски проблеми, тој организирал акција за собирање средства меѓу македонската дијаспора.

Иако, како што вели, собраната сума не била голема, одлучил средствата да ги вложи во набавка на неопходна спортска опрема – дресови, шорцеви, тренерки и зимска опрема за првиот тим, наменета и за домашни и за гостински натпревари.

Но, наместо поддршка, го пречекало разочарување.

„Од наша страна направивме сѐ што можевме. Опремата е испратена и веќе четири месеци стои на царина. И клубот и општината се информирани, но нема никаква реакција. Не обвинувам никого, но останува нејасно зошто никој не се ангажира да ја подигне, со оглед дека е наменета за клубот“, вели Павлески.

Во меѓувреме, Победа се соочува со сериозна неизвесност. Клубот е оптоварен со долгови и без финансиска стабилност, а интерес за вложување речиси и да нема. Според актуелната состојба, тимот е на чекор до испаѓање од Втората лига.

Сепак, донираната опрема можеше да биде значајна поддршка – ако не за сегашната сезона, тогаш барем за идните генерации и за евентуален нов почеток на клубот.

Фотографии од опремата се објавени на веб-страницата на порталот „Шампион“.

Приказната остава горчлив впечаток – особено за човек кој од далечина вложил сопствени средства и време, со надеж дека ќе помогне на својот клуб.

Понекогаш, најтешко е кога помошта останува непрепознаена.

ВИДЕОТО од разговорот на “ШАМПИОН” со Гоце Павлески погледнете го ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.