Се прави репроценка на имотот на прилепчани: Општината планира да собере дополнителни 35 милиони денари од данок на имот

Општина Прилеп започна со репроценка на недвижниот имот на граѓаните и правните лица, со што се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот на секој граѓанин.

Ова претставува законска обврска на општините, според Законот за данок на имот донесен во 2021 година, каде секоја општина мора да направи репроценка на имотот на граѓаните, на секои четири години. Во Прилеп, репроценка на имотот не е направена од 2009 година и даночните обврзници се во нерамноправна состојба при плаќањето данок на имот, бидејќи во една иста зграда, со стан од иста квадратура, граѓаните досега плаќаа различен данок на имот поради ниската проценка на вредноста на имотот на дел од становите,- објаснуваат од даночното одделение при Општина Прилеп.

„Со репроценката на имотот, во зависност во која зона припаѓа имотот, Општината ја поделивме на шест зони, вклучително и населените места, граѓаните, даночните обврзници, ќе плаќаат рамноправно, а таа е 0,10 % од проценетата вредност на нивниот имотот, што би значело дека оние граѓани чиј имот им е проценет на пониска вредност, сега имотот ќе им биде проценет според денешната, пазарна вредност и со тоа би се утврдила и висината на данокот на имот. Моментално се случува во иста колективна зграда, со иста квадратна површина на стан, еден станар да плаќа 200/300 денари данок на имот, а друг, кој го стекнал имотот (станот) по 2010 година, поради пазарната проценка на неговиот стан во ова време, да плаќа 700/800 денари данок на имот. И со ова доаѓа до нерамноправна положба на даочните обврзници при плаќањето на оваа даночна обврска. Од оваа година од 1 Јануари 2023 година сите граѓани ќе плаќаат данок на имот според пазарната вредност на имотот со кој што располагаат“ истакна Горан Стојаноски, од даночното одделение при Општина Прилеп.

Со репроценката на имотот на граѓаните и правните лица се воведува воедначување, секој имот кој што се наоѓа во одредена зона да има иста ставка на оданочување, односно вредноста на објектот да биде на исто ниво во зависност од квадратурата. Со репроценка на недвижниот имот на граѓаните, општината ќе го зголеми данокот на облог на имот за околу 35 милиони денари, а тоа во иднина би било основа за креирање на основниот Буџет на Општина Прилеп.

Постапката за репроценка на имот, во која е вклучена и проценителна куќа, Општина Прилеп планира да ја завршена до крјот на оваа година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.