Прилепската Гимназија „Мирче Ацев“ и оваа година во Центарот за култура „Марко Цепенков“ го организираше големиот музички фестивал „Гимфест 2017“. Фестивалот се организира по седми пат. На него настапија 18 ученици, кои го покажаа својот музички талент, а публиката, беше воодушевена, од сценско-музичкиот настап на сите учесници.
Годинава музичкиот фестивал „Гимфест“ беше посветен на македонската забавна музика, а специјален гостин беше музичката легенда, Влатко Стефаноски. На Гимфест беше присутен и градоначалникот, Марјан Ристески, кој ја пофали организацијата и истакна:
– „Гимфест“ претставува една од престижните музички манифестации, не само во Прилеп, туку и во Р.Македонија, со што градот се гордее. Причина повеќе што оваа музичка манифестација е значања, е тоа што има хуманитарна цел. Имено, средствата собрани од влезниците секогаш се искористуваат за хумани дела, а оваа година тие ќе бидат наменети за доуредување на собата за аутизам во ООУ „Климент Охридски“. – рече градоначалникот на Прилеп, Ристески.
Инаку, „Гимфест“ претставува средношколски музички фестивал, кој е единствен од ваков тип во Република Македонија, каде преку натпреварувачки карактер, се презентираат најдобрите музички способности на средношколците од гимназијата „Мирче Ацев“.