Се наоѓа во прегратките на Селечка Планина: Место кое зрачи со посебна љубов и убавина (Фото галерија)

За тие што не знаат, Селечка Планина е средновисока планина која се наоѓа јужно од градот Прилеп помеѓу Пелагонија на запад и Мариово на исток. Највисок врв е врвот Висока со 1.471 метри.

Селечка Планина има меридијански правец на протегање од север кон југ, чие било започнува на север од превојот Скала, а на југ завршува во долината на Црна Река.

Долга е околу 30 километри, а широчината се движи меѓу 8 и 10 километри. Започнува одвојувајќи се планината Дрен на север од каде сртот продолжува во јужна насока преку врвовите Паничиште (1421 м.н.в.) и Две Стени (1473 м.н.в.) до превојот Слива преку кој минува регионалниот асфалтен пат кон Мариово и Витолиште.

Највисок врв во северниот дел е Висока (1471 м.н.в.), а во јужниот дел е Цаула (1434 м.н.в.). Од превоите покрај Скал, преку кој се поврзува северниот дел на Пелагонија со Мариово, значаен е уште и превојот Преслап (936 м.н.в.) преку кој комуницира Битолското Поле со Мариово.

Над манастирот Св. Димитрија, кој се наоѓа во непосредна близина на село Селце, се наоѓа месноста позната кај прилепчани како Козји трла.

Навидум ништо посебно, но ова место во себе носи многу љубов, убавина која може да се доживее само тука. Наоколу шума, прекрасен воздух, ладовина, а на самото место има и клупи за одмор, како и мала настрешница за да се засолните доколу наиде некое невреме.

Нема прилепчанец кој ја сака природата, а не го знае ова место. Посетете го и дадете свој придонес, затоа што се’ што ќе видите таму е направено со многу љубов и заслужува да се одржува и во иднина.

Повеќе за Селечка Планина

Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ (1896) го дава следниот орографски опис на протегањето на Слечка Планина. Право на југ од врвот Козјак се протега Селечка Планина, која што го заградува од исток целото Пелагониско Поле и на југ завршува до Црна Река во Пелагониското Поле спроти почетокот на планината Ниџе.

Селечката Планина има должина во правец од север кон југ околу 10 часа. Таа е тесна и нерасклонета планина со каменест состав. При западното подножје се шири Прилепско-Битолското Поле, а под источното подножје е длабоката долина на Црна во Мариово.

Во почетокот на таа планина меѓу неа и врвот Козјак е Плетварскиот превој, по кој што минува патот од Прилеп за Градско, кој понатаму врви по долината на Раечка Река. Уште во самиот почеток Селечката Планина испушта огранка од источната страна рамна на неа по должина и височина, која што се протега право по источен правец паралелно на Раечка Река, се јавува во Тиквешкото Поле, кое што и го заградува од југ, се пресекува од Црна Река во југоисточниот крај на Тиквешкото Поле и на преслапот со Гевгелиското се сврзува со Пајак Планина. Оваа огранка е всушност планината Дрен Највисоки места во веригата се Сува Гора и Радобилската Планина, 3-4 часа на исток од Прилеп. Селечката планина и гореопишаната верига ја заградуваат од северозапад и североисток планинската област Мариово.

Селечка Планина е изграден од гнајсеви, микашисти, амфиболити и кварцити. Како реликти во амфиболитски маси се јавуваат габровите и гранитите. Во тектонски поглед посебно се издвојува Маковската антиклинала која се протега на околу 35 килoметри и може да се следи на југ од долината на Црна Река во меридијански правец до селото Суводол односно до селото Маково.

Освен по правецот на протегање Дрен и Селечка Планина се разликуваат и по геолошкиот состав кој на Селечка е претежно од гранитни карпи и јаглен, а на Дрен е главно сочинет од карпи од мермерната серија. Западната падина на Селечка Планина е богата со наоѓалишта на јаглен, а во нејзиното подножје се наоѓаат и најголемите рудници за ископ на јаглен во Македонија.

Тоа се површинските копови Суводол и Гнеотино при РЕК „Битола“. Источната падина во Мариово е богата со голем број на гранитни карпи со мошне интересни облици. На планината се среќаваат голем број на мали извори од кои потекуваат мали реки кои во летинот сув период во најголем дел прсушуваат.

Шумскиот фонд е мошне редок и е претставен со листопадни шуми од даб и леска, а на зарамнетите падини има и ниска тревна вегетација. Мошне се развиени речната ерозија и денудацијата при што се создале скорешни облици кои на планината ѝ даваат атрактивен изглед.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.