Со Божествена литургија која се одржа во црквата Христово Воскресение во прилепското село Беровци денеска беше одбележана неделата на Св. Апостол Тома или кај народот позната како Томина недела. Инаку денешниот ден е слава на црквата каде присуствуваа голем број на жители, како од Беровци така и од другите населени места.
Се пееја македонски песни и се виеше оро. Убавото време помогна за масовна посетеност и дополнително им го разубави празникот на жителите од ова убаво прилепско село.
Инаку според преданието на православната црква апостол Тома е еден од 12-те апостоли кој не бил тука кога Господ Исус Христос им се појавува на другите апостоли веднаш после неговото Воскресение. Кога тие му кажале што се случило тој неможел да поверува и кажал „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“. Но кога после 8 дена од Воскресението пред него се појавил Христос и му рекол „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои, дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои и не биди неверлив, но верлив“, апостол Тома се покајал и поверувал во Христовото Воскресение.