Сеќавање на едно славно фудбалско време: На градски во Прилеп, Победа-Пелистер ги гледале дури 25.000 публика

Преполнетите трибини не се забораваат и по 38 години

-Не можам да се соземам, да поверувам дека е можно – рекол тој

Додека се прави реконструкција на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,, секојдневно повозрасни фудбалски љубители ја следат работата и со душа чекаат да се пушти објектот во употреба. Во меѓувреме се потсетуваат на некогашните полни трибини. Еден од најспомнуваните настани е соседското дерби меѓу Победа и Пелистер (3-1) од 15 март 1981 година. Се смета за меч со рекорден број гледачи. Би рекле околу 15 илјади или максимумот на објектот. Неверојатна бројка, ако се знае дека Прилеп според пописот од 1981 година имал 60.464 жители. Што се случувало тој и наредните денови, сведочи дневниот и неделниот печат – пишува неделниот весник “ЗЕНИТ”.

Еве дел од написите:

-Во прекрасен спортски амбиент вчера на стадионот во Прилеп се сретнаа аспирантот за првото место, Победа и есенскиот првак, Пелистер. Околу 25.000 гледачи од Прилеп и Битола присуствуваа на типично првенствен натпревар, на кој двете екипи имаа по ,,пет свои минути,,, е дел од пронајден извештај.

Рекордот вкрсти неколку фактори. Прво – дербито е традиционално, пелагониско, а на него се чекало многу години. Второ – мечот е одлучувачките за првак, тим што обезбедува влез во Втората југословенска лига. Трето – табелата, Пелистер прв со 22, Брегалница Штип втора со 21, Победа трета со 20 бода. За Пелистер настапија: Димитровски, Богоевски, Мицковски (Љ. Љамчевски), Н. Љамчевски, Митревски, Канатларовски, Трајановски, Нечовски, Бошевски (Зекиќ), Димевски, Упалевски. За Победа: Т. Тодороски, Глушески (О. Котески), В. Димоски, Р. Ѓорѓиоски, И. Најдоски, Л. Петрески, Г. Манески, Магдески, Глигороски, Сусулески, З. Конески (Милосовски). Победа поведе во 5 минута преку Г. Манески, во 16 израмни Нечовски, а во 38 и 55 Г. Манески додаде за ,,хет-трик,,.

-На републичкото дерби паднаа сите рекорди по бројот на гледачите на стадионот ,,Гоце Делчев,,. Овој храм на фудбалот доживеа да прими повеќе од 25.000 љубители, меѓу кои и неколку илјади битолчани. Руинираните трибини стенкаа под товарот на гледачите кои темпераментно ги бодреа своите миленици. Се чинеше дека ќе се урнат, не ќе го издржат притисокот. Сериозно опоменуваат оти треба да се преуредат за да има безбедност – пишува во вториот извештај.

Медиумите го следеа одгласот во деновите по дербито. Интересни беа изјавите од двата тима. Издвоивме неколку.

-Одигравме максимално добро. Можевме да постигнеме уште два гола. Ме импресионира Манески – изјави Сусулески, играч на Победа.

-Успешно беше дебито пред прилепската публика. Се радувам на победата. Ќе бидеме први – прогнозира 17-годишниот Илија Најдоски од Победа, подоцна капитен на светскиот првак Црвена звезда.

-Заслужено победата им припадна на домашните. Трите гола ги примивме по прекин на играта. Се играше фер и коректно – оцени Наум Бутевски, тренер на Пелистер.

-Домашните беа понадмоќни, имаа повеќе зрели шанси, но и голема фудбалска среќа. Судијата Спасовски немаше свој ден – сметаше Томе Димитровски, голманот на Пелистер.

Една од централните фигури на мечот секако е тренерот на Победа, Момчило Мома Илиќ, познат на просторите од некогашна Југославија со оглед на играчката и тренерската кариера. Како фудбалер почнал во Тимок од Заечар, со кого одиграл брилијантен пријателски меч во 1956 година, против белградка Црвена звезда. Тимок победил 3-1, а сите три гола ги дал Мома. Веднаш добил повик за премин во ,,црвено-белиот,, табор. За Црвена звезда играл неколку сезони, потоа во помали клубови, до моментот кога ја почнал тренерска кариера. Во 1981 година, кога ја водел Победа, имал 47 години. Ден по дербито ја дава следната изјава:

-Не можам да се соземам, да поверувам дека е можно на еден натпревар од републички ранг да дојдат 25 илјади гледачи и да се однесуваат како џентлмени на трибините, да се соживеат со фудбалот, да се претворат во машина која заедно со своите играчи од сé најмногу ужива во овој спорт.

Повозрасните победаши добро се сеќаваат на Мома Илиќ. Тешко дека некој знае нешто поново за него, особено по растурањето на Југославија. Тој уште е жив, здрав и витален на 85 години. Потврда е неговото присуство пролетоска на прославата 100 години постоење на ФК Тимок. Дал и интервју, во кое не пропушта да ја спомне Победа и Прилеп.

-Почнав во мојот Тимок, кога со подмладокот бев четврти на првенството на Југославија во Суботица. Работев скоро во цела Југославија, Струмица, Бор (влез во Прва лига и финале на Купот), Слобода Тузла, Раднички Ниш, Дубочица, Чачак, Тимок, Приштина, Шибеник, Тетекс, Раднички Крагуевац, Напредак, Победа Прилеп. Секаде го носев семејството. Синот Зоран осум одделенија заврши во седум града. Предавав и физичко воспитување во заечарската гимназија. Бев тренер на Олимписката и Аматерската репрезентација на Југославија. Бев селектор на Источната и на Западната група од Втората лига. Фудбалот беше квалитетен, добри играчи во голем број. Публиката навалуваше на стадионите во Прилеп и Приштина по 20.000 гледачи – изјавил тој.

За прочуеното дерби пишуваа сите државни, републички и локални весници. Се опишуваше атмосферата пред и за време на натпреварот. Фокусот беше врз бројот на гледачите, односно реални 15.000 до 20.000 и неверојатни 25.000. Локалните известувачи со најопширен осврт.

-Не сме во состојба да кажеме колку илјади гледачи беа присутни на средбата Победа – Пелистер. Меѓутоа тврдиме дека беше рекорд. Стадионот беше исполнет до последното место. Интересот го надмина претходното рекордно дерби Победа – Беласица од 1979 година. Уште претпладнето се чувствуваше големиот интерес. Неколку илјади битолчани дојдоа во Прилеп да ги бодрат своите миленици. Прилепчани не заостанаа. Ги имаше многу повеќе и на улиците и на стадионот. Соодносот беше еден спрема четири. Во 13 часот веќе беа отворени вратите од стадионот и тој започна да се полни. Во 15 часот немаше слободно место. Беше импресивна глетка којашто се повторува повеќе години, а за среќа и во неделата. Кога судијата Спасовски од Скопје даде знак за почеток, на стадионот беа присутни повеќе од 20 илјади гледачи. Се тврди дека ги имаше 25 илјади, но тоа е тешко да се докаже зашто се работи за слободни проценки – резиме е за најпосетениот меч во историјата на Прилеп.

Херојот Манески

Отсекогаш соседските пресметки помеѓу Победа и Пелистер имале и јунаци, фудбалери кои се надминувале себе си, за кои долго се зборувало во двата града од Пелагонија. Дербито го афирмира искусниот напаѓач на Победа, десното крило Гоце Манески. Како тој сам да ги победи битолчани. Неуморен на теренот, незадржлив во нападот, брз како чигра, снаодлив пред гостинскиот гол, непогрешлив стрелец – трипати го матира вонредниот голман Димитровски. Манески ја доживува својата втора младост (на 29 години).

-Не сум најзаслужен за победата. Целата екипа ,,дишеше,, како еден. Соиграчите како да беа ,,диригенти,, во играта. Ме читаа, знаеја што сакам. По израмнувањето Пелистер не издржа. Заслужено го победивме – рече Манески.

Навивал в болница

Страсниот навивач, Благоја Василески, немал среќа да го гледа дербито.

-Два часа пред мечот појдов на стадион да фатам најубаво место. Влегуваат навивачи, реки народ од сите страни. Викаат едните од едната, другите од другата страна. Почнаа со камења да фрлаат. Уште непочнат мечот, потстанав да видам, кога еден камен ме удри во веѓата, над окото. Крв почна да тече, паднав. Ме кренаа и ме однесоа в болница. Докторот го замолив едно транзисторче да ми донесе. Додека тој ме шие, сестрата ја запира крвта, а јас да слушам радио-пренос. Се чудат, оти ситуацијата ги загрижуваше, а јас слушам како е на теренот. Прозорците беа отворени. Се слушаа громогласно навивање. Градот се тресеше по головитe.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.