Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, на репрезентативците им соопштил дека заминува од функцијата веднаш после победата над Фарски Острови (1-0).
Тој се симнал во соблекувалната, им честитал за успесите, им се заблагодарил за периодот што го поминаа заедно и ги известил дека поднел оставка на функцијата, информација која одреден период лебдеше во воздух, но сега добива и официјална потврда.
Се очекува многу брзо и Фудбалската федерација на Македонија да го потврди заминувањето на Муамед Сејдини, ковертираната оставка, по што в.д.претседател одреден период ќе треба да биде Лазар Ракиџиев, а потоа на Изборно собрание да се бира новиот претседател на ФФМ.
Многу изгледно е дека нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија ќе биде Масар Омерагиќ.
-По седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал. Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА. Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот. Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22 декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник. Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години, напиша Сејдини на социјалните мрежи.