Сестрите близначки од Прилеп потпишаа за Вардар

Поранешниот финалист во Лигата на шампиони, екипата на ЖРК Вардар, ги ангажираше сестрите близначки од Прилеп, Ања и Мила Лашкоски.

Ања и Мила се ќерки на Рубин Лашкоски и Благица Лашкоска, поранешни македонски репрезентативци. Нивниот татко дел од својата кариера ја мина токму во Вардар, клуб со кој настапуваше во Лигата на шампионите и Купот на победниците на куповите.

Ања, која веќе настапи и на кадетското и младинското Европско првенство, покажа зрелост и борбеност што ретко се среќава на таа возраст. Нејзината посветеност и амбиција се доказ дека Вардар ја темели иднината во овие млади перспективни ракометарки. Станува збор за лево крило кое одлично игра во двата правци. На Европското првенство имаше одличен настап, беше избрана за МВП на натпреварот против Романија, а одлична е и во реализација на седмерци.

Заедно со нејзината сестра Мила, која е кружен напаѓач и исто така е дел од младинските репрезентативни селекции, овие две 17-годишни ракометарки ќе претставуваат засилувања на ЖРК Вардар за во сениорската и кадетската екипа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.