Секоја трета фирма во Прилеп доби глоба – Извршени над 180 контроли во изминатиот период (ВИДЕО)

Регионалната дирекција на УЈП Прилеп само во последниве шест месеци направила преку 180 контроли во објекти каде што се вршеле готовински плаќања, пришто кај шеесетина даночни обврзници биле констатирани неправилности, а на двајца им е изречена и мерка за времена забрана за вршење на дејноста. „Битката“ со несовесните даночни обврзници е во врвот од приоритетите на оваа институција, уверуваат од УЈП Прилеп – oбјави “АЛФА ТВ”.

„УЈП има извршено 183 контроли на територијата на Регионална дирекција Прилеп, од кои што 66 се контроли со утврдени неправилности. Тоа значи – не издавање на фискални сметки и непоседување на фискални сметки. А од овие 66 даночни обврзници имаме за двајца даночни обврзници кои што се со времена мерка за забрана за вршење на дејноста во траење од 15 дена“, – изјави Александар Мирчески, управник на РД на УЈП – Прилеп.

Дека државата бескомпромисно се обидува да стави ред и во овој сектор, се и последните податоци од УЈП за направените контроли на ниво на држава од 14 до 20 јули. Контролите биле спроведени кај 353 субјкети. Кај 100 од нив биле утврдени неправилности при што изречени се 82 глоби за неиздавање на фискални сметки, 3 глоби за невоведување и некористење на фискален систем, 10 глоби за неводење на Книга за дневни финасиски извештаи, 3 глоби за фискална сметка без пропишани елементи, една глоба за невоведена резревна фискална апаратура и една глоба, согласно Закон за даночна постапка, заради одбивање да соработува.

Веќе од денеска пак, УЈП најави засилени контроли и на такси-превозниците во целата земја, а особено во туристичките места. „Овие даночни обврзници се должни да имаат фискален апарат, да издаваат фискална сметка за секоја услуга, да го евидентираат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителот на Платен промет најдоцна до наредниот работен ден, но и да имаат јасно и видливо соопштетние за задолжително издавање, барање и добивање на фискална сметка“, – информираат од УЈП.

Истовремено, од УЈП упатавуваат апел и до граѓаните да ги пријавуваат сите забележани неправилности при било кое плаќање на бесплатниот телефонски број 198, по што УЈП ги разгледува добиените претставки и постапува согласно своите ингеренции.

Инаку, според Законот за ДДВ, секој даночен обврзник кој што остварува приходи и промет над 2 милиони денари, е регистриран како ДДВ-обврзник.

KAРОЛИНА ДУРЛО ЗА “АЛФА ТВ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.