СЕКОГАШ ПРВИ ЗА МАКЕДОНИЈА: Интервју со Гоце Стефаноски – еден од основачите на здружението “Прилепски бранители”

Хероите остануваат херои. Тие кои со жртва ја платиле одбраната на татковината вечно се паметат. Оние кои загубиле пријател, другар, оние кои и денес во себе носат дел што на моменти ги кине, ги боли и ги потсетува на немилите настани што војната ги носи со себе, сведочат за тоа и ни служат за пример, како да ја сакаме и браниме татковината и домовината. Прилеп е поднебје што секогаш херојски, со жар и оган во очите и душата ја бранел и бил на браникот на одбрана на државата. Градот дал многу херои. Дел од нив и денес го носат немирот со себе, но и спремноста повторно да се стават во служба на државата ако е потребно, а дел со крв ја натопиле земјата и не обврзале секогаш да се сеќаваме на нивната жртва и да го следиме нивниот аманет. Прилепските бранители се можеби оние најхрабрите, со цврсто врзано ткиво, најбројните и најбестрашните. Така било во историјата, а така е и денес. Не случајно на тој 08.08.2001 година, беше одбран токму прилепскиот конвој на Карпалак и немилосрдно и свирепо беа убиени 10 мина припадници на резервниот состав на Армијата на Република Македонија. Целта беше една и единствена, а тоа е да се стави македонскиот народ на колена, со разединување на најцврстото ткиво, наречено Прилеп.

2222

Во пресрет на големиот христијански празник Св. Петка и одбележувањето на 15-годишнината од смртта на 10-мината прилепчани, разговаравме со Гоце Стефаноски, еден од основачите на здружението Прилепски бранители.

Вие сте еден од основачите на здружението Прилепски бранители. Кажете ни кога е формирано истото, што има за цел, кои беа приоритетите на здружението низ годините, колку членови брои здружението Прилепски бранители и дали членовите имаат некакви придобивки?

Здружението Прилепски бранители е формирано 25-ти декември во 2012 година со учесници од татковинската војна 2001-2002 година, кога од Прилеп и Пелагонискиот регион не имаше 5-6000 бранители, на резервниот состав на полицијата и армијата. Денес здружението брои околу 1500 членови од различни профили и со различно образование. Имаме интелектуалци кои се на добри позиции, имаме граѓани од средната класа, но за жал имаме и граѓани, бранители кои живеат на работ на сиромаштијата, каде сме должни прво ние да им помогнеме, но и институциите на системот. Не треба да дозволиме, бранител да живее на работ на општеството. Нашите првични цели  на здружението се дружење и укажување на проблемите кои постојат кај бранителите.

Во однос на тоа дали бранителите од Прилеп имаат придобивки, не можеме да речиме дека немаме. Ние сме горди прилепчани, која што гордост можеби ја влечиме уште од антиката. Горди сме пред се што единствено во Прилеп имаме два грандиозни споменици посветени на бранителите, улици кои носат имиња на бранители, локалните власти имаат слух за нашите барања, но секогаш постојат луѓе кои се повеќе или помалку задоволни од она што го уживаат.

11111111 1212121

Некои ќе речат дека во Хрватска бранителите имаат поголеми права, ние немаме закон за бранители итн. Јас сепак мислам дека со подобра организација на бранителите, со искажување на вистинските проблеми, голема упорност и кога институциите повеќе би ги отвориле вратите за нас, дека проблемите можат да се решат, итоа без посебни законски акти, туку со заедничка стратегија и доуредување можеби на моменталните законски акти, или пак со подзаконски акти, уредби, правилници да се решаваат останатите проблеми на бранителите. Ние до сега имавме дописи, но и успешни средби со Претседателот на државата, Началникот на Генералштабот на АРМ, градоначалникот на локалната самоуправа и сите позитивно одговорија на нашите барања, односно сето она што го побаравме за нив беше прифатливо, со една напомена дека нашите барања не се само за прилепските бранители и немаат големи импликации врз буџетот на Република Македонија. Тука би споменал привилегии како што се: бесплатен превоз, бесплатно образование на нашите деца, сместување во интернати, привилегии за нашите деца при вработување ….и.т.н. Како придобивка би споменал и тоа што ни се овозможи, за оние кои немаат средно образование, во соработка со средните училишта, голем број завршија четврт степен. И  пак би напоменал, нашите барања не се индивидувални, туку се однесуваат генерално на сите бранители, па поради тоа сметам дека се разликуваме од 15 други здруженија на бранители, поради тоа што прилепските бранители предничат во чесноста пред се на своите барања.

3333

Во понеделник 8-ми август на големиот христијански празник Св. Петка, Прилеп ќе одбележи 15 години сеќавање на прерано загинатите десетмина прилепчани, бранители, кои во конфликтот од 2001 година беа убиени на свиреп начин. Кон што ве обврза нивната жртва во изминатите години и дали сметате дека државата доволно се заложи за нивните семејства и нивната иднина?

Осми август 2001 година беше кобен. Јас сум сведок на тоа, имав увид, знам како се случи тоа, дискутиравме. Загинатите биле навистина свирепо убиени, горени, дотепувани, во еден војник беа најдени по десетина зрна од различен калибар. Значи тоа било навистина ѕверски настан, што не смееме да го заборавиме, не смееме да дозволиме да се повтори, но не сакаме ни да се осветуваме. Додека ние можеме како прилепски бранители, додека имаме сила, за нас 8-ми август ќе претставува еден посебен ден, што ќе го одбележуваме, кога ќе се присетуваме, а ќе оставиме и на нашите деца и поколенија дека, не случајно баш Прилеп и прилепските резервисти тогаш беа жртвите. Некој сакаше баш од Прилеп да загинат 10 прилепчани за да се случи нешто во војната 2001 година. Тој кобен 8-ми август смени многу работи. Тоа најдобро нека го кажат историчарите, генералите што се повеќе упатени, но нашите 10 бранители не загинаа затоа што не беа спремни, туку затоа што кукавички беа предадени. Целта според мене беше да  потклекни македонскиот народ со ваквото свирепо убиство и да се разедини цврстото одбрамбено ткиво кое постоеше во Прилеп. Јас сум убеден дека тие бранители и денес ја чуваат Македонија, а нивната загуба за нас треба да биде светиња. Државата во континуитет им излегува во пресрет на семејствата на загинатите, онолку колку што може. Човечката загуба е сепак ненадоместива. Во овој регион и локалните самоуправи на Прилеп, Долнени и Кривогаштани, посветуваат доволно внимание и сметам дека им излегуваат во пресрет на нивните барања, но секогаш може повеќе и подобро.

4444

Како ќе го одбележите овогодинешниот помен, со кои активности? Запознајте ги граѓаните каде се ќе можат да присуствуваат и да се поклонат кон делото и амантетот што ни го оставија нашите сограѓани?

Овогодинешното одбележување на овој немил настан ќе започне на 7-ми август во недела во 18:00часот со положување на цвеќе на споменикот во касарната “Мирче Ацев” и посета на спомен собата. Потоа во 19:00 часот ќе се положи цвеќе и на споменикот во село Лениште во манастирот Св. Петка, каде ќе се одржи и вечерна богослужба.

Наредниот ден, 8-ми август понеделник, ќе започне со организирана посета на Карпалак во 6:00 часот, во 7:30 часот ќе биде положено цвеќе на гробовите на погинатите и подигање на јарбол со државното знаме на Могилата на непобедените, во 10:00 часот ќе има панихида во црквата Св. Петка во населбата Точила и во 12:30 часот закажано е одбележување на настанот пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп. Со тоа уште еднаш, по 15-ти пат на достоинствен начин ќе се потсетиме на жртвата на нашите десетмина сограѓани.

Прилеп од секогаш бил непокорлив бедем, место каде израснале големи херои. Дали сметате дека тој револуционерен дух во градот под Марковите Кули е сеуште одржан и дека кога државата повторно би била во прашање, прилепчани повторно ќе бидат на браникот на одбраната?

Тука би се навратил и во антиката. Знаеме дека од овој регион излезени се најголемите јунаци, војсководци од антиката до денес. Многу војсководци како Александар Македонски, Филип Македонски, Јустинијан немало да бележат толку големи успеси без населението од овој регион. Дури и Илинден во 1903 година немало да успее беа прилепчани. Најголемата војска на Илинден била од Прилеп. Првата пушка 1941 година не случајно повторно е пукната во Прилеп. Во конфликтот 2001 година најголем придонес дадоа припадниците од Прилеп. Август е месец на непокорот на народот на Македонија, на Прилеп, на прилепчани. Најздравите Македонци, најпатриотскиот дух на Македонците е во Прилеп. Тоа е докажано од генетичари, археолози, историчари, дека на овие простори не случајно се раѓаат херои, луѓе што му пркосат на времето, што се секогаш спремни да ја кажат правата вистина за македонската држава, за постоењето на македонскиот народ и никогаш нема да клекнат на колена, без оглед кого имаат наспроти нив.

13901534_579419085574124_7194608100628882153_n

Изминатите две години сведоци сме на една тешка политичка наметната криза која ја стави државата во бездна и го уназади нејзиниот напредок. Повторно кај граѓаните постоеше стравот од ескалирање на состојбите и нови немири. Каков е ставот на здружението Прилепски бранители за овој горчлив период наметнат од опозицијата предводена од СДСМ?

Нас како бранители не ни доликува да ја рушиме државата која сне ја бранеле. Нашите права ќе ги бараме низ институциите на системот и секогаш ќе ги поддржуваме тие институции и ќе бараме решенија во нив. Со рушење на истите нема да добиеме никакви права. Не му доликува на бранител да си ја уништува историјта, институциите и државата.

1111

За крај која е вашата порака и пораката на членовите на здружението Прилепски бранители кон оние кои си играат со мирот и поредокот во државата и на кои им одговара создавање на ново жариште на територијата на Република Македонија?

На Македонија и е доволно крв. Секој македонски камен е натопен со крв. Ние сметаме дека нема повеќе простор за нови крварења, а најмалку за братоубиствени борби, не сакаме повеќе нестабилна држава, ја сакаме државата просперитетна, Македонија со успеси,  Македонија која ќе пркоси пред сите останати земји на Балканот, Македонија од времето на Александар, кој размислувал космополитски, па и ние ќе бидеме космополити, ќе создаваме, нема да рушиме и нема да дозволиме, ние како бранители, да се случи крварење и особено нема да застанеме на онаа страна која предизвикува судири, немири и дестабилизација. Доста ни е ! Секоја македонска педа е натопена со крв!

На секој камен има загинато некој македонски јунак, некој македонски војвода! Доста ни е од крв и од гинење! Време е за просперитет!

На крајот од нашиот разговор, со многу емоции, повторно присетувајќи се на сите настани од конфликтот 2001-20012 година, Гоце додаде:

“Јас бев првиот што 2003 година појдов на Карпалак, со силно полициско обезбедување, со закани, но заедно со група на ентузијасти поставивме плоча во чест на загинатите прилепски бранители”.

“Македонија ти е  како капинка, црвена и сочна, секој може да се заслади, но ако посигнеш со рака и ја нападнеш, капината ќе се нафрли на тебе и ќе ти пушти крв, нема да те остави”, со оваа поговорка го завршивме овој емотивен разговор и потсетување на немилите настани од 2001 година.

ВЕЧНА СЛАВА НА ХЕРОИТЕ!

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.