Најновиот извештај на реномираната Фридом Хаус, нотира напредок на „Република Северна Македонија“ во споредба со минатата година за 3 поени. Генералната оценка на најновиот извештај на Фридом Хаус е дека Владата на повторно избраниот премиер Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќе годишното претходно уназадување на демократијата, соопшти СДСМ.
„Извештајот го потенцира новиот забележителен напредок на нашата земја, пред се во поглед на изборите, стабилниот напредок во реформите, како и активната вклученост на медиумите и граѓанското општество во интензивниот јавен дискурс. Забележан е прогрес во поддршката на граѓанското општество со забелешка дека одреден дел од граѓанските организации кои застапуваат човекови права и натаму укажуваат на притисок врз нивното работење од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението.
Повикувајќи се на позитивните оценки на ЕУ за реформите во правосудството, велат од СДСМ, Фридом Хаус нотира дека е потребно да продолжи практикувањето на законските можности за зајакнување на независната работа на судиите.
„Извештајот констатира дека работата на невладините организации е слободнa и безбеднa со сериозни промени за разлика од периодот до 2017 година. Истовремено, нотирано е дека расте бројот на критички и независни медиуми особено на онлајн платформите. Времето кога земјава беше препознаена како заробена и изолирана држава заврши со падот на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е потврдено и од меѓунардони реномирани организации“, соопшти СДСМ.