СДСМ следната недела ќе ги објави имињата на дел од кандидатите за градоначалници за кои ќе ја бара поддршката од граѓаните на претстојните локални избори, најави лидерот на партијата Венко Филипче.
Тој избегна да одговори на директното прашање дали партијата ќе го поддржи Горан Герасимовски за втор мандат во Центар и кажа дека во тек се внатрепартиски анкети во повеќе општини.
-Се разговара на повеќе нивоа и еден дел од нашите кандидати за градоначалници, некои десетина од нив, ќе ги промовираме како кандидати за локалните избори во текот на следната недела – рече тој.
Во однос на плановите за соработка со другите партии, Филипче кажа дека на локалните избори начелно ќе настапат заедно со коалицијата во која партиципираат и тие од 14-15 партии. Во дел од општините, како што додаде, дел од партиите од коалицијата ќе настапат самостојно.
-Веќе започнавме и на техничко ниво разговори во однос на советничките места, не во сите општини подееднакво, поради тоа што во еден дел од општините партиите ќе настапуваат самостојно, меѓутоа коалицијата оди заедно на локалните избори – изјави тој.
Одговарајќи на прашање дали е можна соработка со Алијанса за Албанците на министерот за здравство Арбен Таравари, која реши на локалните избори да оди со свои советнички листи, што предизвика раздор со останатите партнери во коалицијата ВЛЕН, Филипче се осврна на владината коалиција, за која оцени дека е навистина нестабилна и не функционира добро.
-Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е навистина нестабилна и не функционира добро. Во различен временски период, прилично краток, се слушаат дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа дали ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата.
Дека не функционира таа коалиција граѓаните практично на своја кожа го доживуваат тоа секој ден. Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените.
Внимавајте клучни институции во овој временски период после трагедијата во Кочани, дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството економија, едноставно лош перформанс на Владата.
Згора на сето тоа, ако ги кажеме и нашите ставови зошто сметаме дека таа истрага за трагедијата во Кочани е страшно селективна, сакајќи да поштеди некои функционери на Министерството за внатрешни работи, сметаме дека коалицијата е навистина нестабилна – рече Филипче.
На прашањето дали СДСМ ќе побара предвремени парламентарни избори, Филипче рече дека тие се подготвени што и да се случи во следниот период.
-Дали ќе има само локални избори, дали заедно со локалните ќе има и предвремени парламентарни избори СДСМ е спремен за секаков тип на избори во следниот период – изјави тој.