Патот до членството во најмоќната светска алијанса –НАТО, го чекориме заедно. Заедно ги надминавме сите пречки и предизвици на тој пат. Јасно и гласно порачуваме дека Република Северна Македонија, станува 30-та земја членка на овој најмоќен светски сојуз. Ратификацијата на Протоколот за членство на нашата држава во НАТО, е во полн ек во парламентите на земјите членки – истакна на денешната прес конференција Кети Смилеска, пратеник на СДСМ во Собранието.
“Членството во НАТО, не само што значи стабилност, цврсти граници и безбедна иднина за нашите деца, ами значи и нови инвестиции кои носат нови работни места, развој на економијата и бизнисот.
Бројни економски параметри покажуваат дека за само една година од напредокот во интеграциите, ратификацијата на Протоколот и успешните политики на Владата предводена од СДСМ, нашата економија е сериозно придвижена, а економските придобивки се реални и видливи.
За само една година, просечната плата порасна за 7,5 отсто, односно од 23.850 денари колку што изнесуваше во декември 2017, е зголемена на 25.784 во декември 2018 година
2018 година ќе остане запаметена по историски највисокиот износ на странски директни инвестиции кои достигнаа скоро 625 милиони евра.
Државничките и одговорни политики на СДСМ, ја намалија и стапката на невработеност во државата на 19.4 во последниот квартал од 2018 што е значително намалување во однос на истиот период од 2017 кога изнесуваше 21,9 отсто.
Влезот во НАТО и напредокот во интеграцијата во ЕУ уште повеќе ќе го забрзаат економскиот раст, економијата ќе стане поконкурентна и поатрактивна за инвеститорите, ќе расте бројот на новоотворени работни места, ќе растат платите, а се повеќе пари ќе завршуваат кај граѓаните”, додаде Смилеска.