СДСМ влегува во Владата на 5 септември – изборите на 11 декември

izbori-sobrani-520x277 (1)

На помалку од две недели пред истекот на рокот, политичките партии се согласни дека нема ниту една пречка изборите да се одржат на 11 декември. И во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ но и во ДУИ и ДПА велат дека работите течат според договореното, со што станува извесно дека на лидерската средба која треба да се одржи на 31 декември партиите ќе се излезат со конечен став дека изборите може да се одржат во втората недела од декември, со што по две одложувања, граѓаните конечно ќе добијат шанса да застанат пред гласачките кутии.

Во периодот од последниот меѓупартиски договор до денеска, реализирани се сите точки, со исклучок на формирање на специјалното ад хок тело за медиуми, за кое се чека изборот на петтиот член.

Што е реализирано

– Изборниот законик да се промени до 22 јули и да се земе предвид она што го договорија партиите.

– 171.500 лица ќе бидат ставени на посебен список со ѕвездичка и нивното право на глас не е спорно.

– Списокот од 39.502 лица ќе биде објавен од ДИК три дена по усвојувањето на измените во изборниот законик.

– Сите казни за медиумите ќе бидат намалени за 50 проценти

Што чека на реализација

– 23 август краен рок за формирање на ад хок телото за медиуми

– 31 август проценка за исполнетост на условите за избори

– 5 септември избор на преодна влада

– 5 септември СДСМ именува уредник во МРТВ

– 11 декември избори

Ад хок тело за медиуми

Ад хок телото за медиуми е во последната фаза од своето формирање. Веќе се познати 4 од петте членови и до 23 август се очекува да биде избран последниот кој според Договорот треба да биде еднички Албанец.
Задача на ова тело ќе биде да го мониторира известувањето на медиумите за време на изборниот период (100 дена пред избори) од 5 септември до 11 декември. Телото ќе му предлага на Советот во Агенцијата за медиуми кои медиуми треба да бидат казнети за неизбалансирано известување. Првата грешка на медиумите ќе заврши со опомена а потоа ќе следат и казни кои според проценките ќе се движат околу 2.000 евра.
Телото ќе врши мониторинг на периоди кои нема да бидат пократки од една недела.

Техничка Влада

Формирањето на техничката влада треба да биде на 5 септември. Во неа, СДСМ ќе ги добие истите позиции како и пред последниот неуспешен обид за организирање на избори. Министер во министерствата за внатрешни работи и труд и социјала, како и заменици во Министерствата за земјоделство, информатичко општество и финансии.
Техничкиот министер во МВР, за кој е извесно дека повторно ќе биде Оливер Спасовски ќе има законска можност да направи само 15 смени на раководни позиции, а дополнително ќе може да прераспредели уште 10% од вкупниот број на прераспределби кои по хоризонтала ги извршил министерот на ВМРО-ДПМНЕ во периодот пред две години. Ако се има предвид дека тогаш се направени меѓу 50 и 60 хоризонтални прераспределувања, значи Спасовски ќе добие можност да направи уште 5 до 6 хоризонтални смени, со што ќе се спречи партизацијата на МВР која СДСМ ја направи кога Спасовски доби шанса да биде министер за внатрешни работи.
Во Министерството за труд и социјала нема да има ограничувања.
По завршувањето на изборите и објавувањето на изборните резултати, кадрите на СДСМ си заминуваат од позициите, а функциите до формирањето на новата влада ги вршат замениците министри, во случајов, од редовите на ДУИ.

Уредник на информативната програма на МРТВ

На 5 септември, СДСМ ќе треба да го постави првиот партиски уредник на информативната програма на МРТВ во историјата на македонскиот јавен сервис. Човекот кој ќе ја добие довербата на Заев да ја води информативната програма на МРТВ треба во уредничката канцеларија да седне на 100 дена пред изборите и таму да остане додека изборите не завршат. На тој начин, СДСМ смета дека ќе може да врши контрола врз известувањето на МРТВ, но интересно ќе биде да се види, кој ќе биде новинарот кој ќе си дозволи во својата биографија да добие ангажман на првиот партиски цензор во Македонија.
Според договорот, во истиот период ќе треба да се отвори и нов канал на МРТВ на кој ќе се емитува програмата на малцинските заедници во Македонија, со оглед на тоа што вториот канал на телевизијата ќе емитува албанска програма 24/7

Избори 2016

 

Новите избори според очекувањата на експертите и сите мерења на јавното мислење не се очекува да донесат ништо ново. Актуелното расположение на граѓаните покажува дека е извесно дека актуелната владејачка гарнитура ќе добие нов 4 годишен мандат. На овие избори се очекува значително намалување на влијанието на албанскиот фактор во законодавниот дом, пред се поради дисперзијата на албанското гласачко тело со формирањето на неколку нови албански партии кои се очекува да потегнат дел од албанските гласачи.
Овие гласови преточени во пратенички места се очекува да преминат во македонскиот политички блок, што би требало да ги компензира оние два до три пратеника помалку кои доаѓаа од дијаспората.
На барање на СДСМ во овој изборен процес дијаспората го загуби правото да влијае на одлуките кои се носат во македонскиот законодавен дом, односно, се направи услов, за да можат да добијат пратеничко места пратениците од зад македонските граници да имаат ист број гласови како и пратениците од Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.