На светскиот ден на театарот, 27 март, прилепскиот народен театар “Војдан Чернодрински” со нова премиера.
„Ништо без Трифолио“ во режија на Коле Ангеловски е весела комедија која со својата динамика и кохерентна структура носи силен пулс на современоста.
Ова е 26 претстава што Коле Ангеловски ја режира во прилепскиот театар, со кој со оваа претстава,, Ништо без Трифолио,, одбележува 35 години соработка.
Вечерва за време на премиерата, полна театарска сала. Вљубениците имаа што да видат. Оваа претстава со сигурност во сите наредни изданија ќе го предизвикува вниманието на прилепската публика.
Авторот Русомир Богдановски го нарекува ова свое дело „комедија во грчко-римски стилнапишана по средбата со веселиот дух на римскиот комедиограф ПУБЛИЈ ТЕРЕНЦИЈ АФРИКАНЕЦ, кој ослободен од телото на својот господар во 159 година пред нашата ера, лута низ вековите“. Сите сплетки и недоразбирања произлегуваат од една основна тема – потрагата по љубов, и сè што се случува на сцената е поврзано со љубовта. Богот Амор е двигател на дејството, а Трифолио, интелигентен и снаодлив, управува со ситуациите и ги држи сите конци во своите раце. Трифолио ја наоѓа мотивацијата во својот непоправлив хедонизам, а оттаму произлегува и комичноста. Сложеното и вешто водење на двојните заплети, забуните, богатството на карактерите, нивните слабости и проблеми, специфичниот и богат јазик – сите овие елементи создаваат претстава во која ќе ги препознаеме современите семејни и љубовни проблеми на младите, но и на постарите.