Власта на Зоран Заев и СДСМ секој ден ги понижува граѓаните и гази врз нивната чест и достоинство. Така е и со последниот случај на покачување на пензиите за 36 денари за најниската и 63 денари за просечната пензија. Вакво девалвирање и поигрување со работниот век на граѓаните е можен само кога СДСМ е на власт. Така беше и во минатото, а за жал тоа се пресликува и сега. Истакна на денешната прес конференција Стеван Самарџиоски од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:
„Ова се случува после промената на Законот за пензиско и инвалидско осигурување кој го направи оваа одродена власт и со кој сега зголемување на пензиите се врши само кога постои раст на трошоците за живот, а не како претходно кога пензиите растеа и со растот на платите.
Со ваква срамна одлука пензионерите наместо да добијат 4% раст на пензиите оваа година, за нив се предвидени само мизерни 0.4% раст на месечните примања.
Над 10.000 пензионери во Прилеп се исто така понижени и разочарани од овие 36 денари покачување. Тие не сакаат промотивно бесплатно возење во автобуси болиди, туку сакаат повеќе пари месечно. Сакаат повеќе пари затоа што заслужуваат и затоа што со нивниот работен век придонеле за својата држава и своите семејства.
Никаде во светот и во Европа не се применува оваа формула на покачување на пензиите, туку се зема во предвид онаа стапка која е поволна за нив. Само во нивната Северна е можно вакво газење на сопствениот народ, на народот кој за нив е само бројка и кој е важен само во предизборните кампањи.
Почитувани, ова не е процутот за кој зборува Зоран Заев! Ова не е држава која оди напред, која се грижи за своите граѓани и држава која гарантира еднакво општество за сите.
Затоа, за многу кратко време, следува обнова на татковината и враќање на претходниот Закон за пензии, што гарантираше редовно и вредно покачување на пензиите“, рекоа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп”.